Живот и стил

Како технологијата и совремието го менуваат раскажувањето приказни меѓу младите?

Како технологијата и совремието го менуваат раскажувањето приказни меѓу младите?

Помладите генерации го преобразуваат раскажувањето приказни и конзумирањето медиумски содржини преку платформи како „Јутјуб“ и „Тик-ток“, па дури и со помош на вештачка интелигенција. Ова го посочува извештајот „Тинејџерите и екраните“ (Teens and Screens) за 2026 година, изготвен од Центарот за научници и раскажувачи при Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (УКЛА).

Имено, изминативе пет години, проектот ги проучувал медиумските навики на повеќе од 1.500 Американци на возраст од 10 до 24 години. Според најновите наоди, за генерациите „Алфа“ и „Зет“, содржини како што се видеата во времетраење од 30 секунди имаат иста вредност како и долгометражните филмови. Мнозинството испитаници – 72,9 отсто го наведоа „Јутјуб“ како своја омилена платформа за следење приказни. Речиси четири од пет млади луѓе сметаат дека и кратките видеа можат да раскажат приказна, при што „Тик-ток“ е водечка платформа меѓу социјалните мрежи, со 64,2 насто.

Зад нив, телевизиските серии (70,3 насто), филмовите (70,2 отсто) и видеоигрите (68,5 насто) не заостануваат многу. Така, трета година по ред, одењето в кино е омилената активност на испитаниците за време на викендите. Овие наоди се совпаѓаат со податоците од Европа. Имено, Здружението за кино-рекламирање во воите ипитувања, вели дека 50 отсто од посетителите на кината во Обединетото Кралство се помлади од 35 години, додека „Сине-Јуроп“ наведува дека 47 отсто од младите откриваат нови филмови преку „Тик-ток“.

Иако младите претставуваат клучна публика за индустријата за забава, се вели, нивните реални искуства и желби честопати не се доволно разбрани. Истражувањето откри силна желба за приказни со коишто поединците се поистоветуваат. Дури 55 отсто од испитаниците сакаат да гледаат повеќе невродивергентни ликови на екранот – бројка што е уште поголема кај младите припадници на ЛГБТКИА+ заедницата.

– Барањето за подобра застапеност на невродивергентните поединци и нивните пријателства е само еден пример за пошироката потреба од поразновидни и поавтентични прикази, објасни Стефани Ривас-Лара, коавторка на студијата.

 

Само 22,7 отсто од испитаниците сметаат дека моментните медиумски прикази на невродивергенцијата се, главно, автентични. Филмот „Музика (Music)“ од 2021 година – режисерското деби на пејачката Сија, често се наведува како пример за лоша пракса. Младите исто така истакнаа желба за повеќе приказни насочени на надеж и оптимизам, прикази за пријателства и социјални групи, како и ликови чии животи наликуваат на нивните сопствени. Ова се совпаѓа со наодите од претходните извештаи, коишто покажуваат дека младите претпочитаат помала нагласка на сексот, а поголема на платонските односи. Педесет и два отсто од испитаниците сметаат дека романтичните врски во медиумите се прикажани како многу поважен дел од животите на ликовите, отколку што се тоа во реалноста.

Вештачката интелигенција

Од ВИ-генерираните ликови, па сѐ до мемињата и другите содржини со слаб квалитет на социјалните мрежи – сѐ тоа брзо навлезе во медиумскиот простор и стана честа тема на разговор меѓу помладата публика. Сепак, истражувањето покажува дека испитаниците се повеќе љубопитни отколку загрижени. Од нив, 28,2 отсто велат дека технологијата им е „фасцинантна“, додека 25,6 насто се „возбудени“ поради неа. Од друга страна, 22 отсто сметаат дека сѐ води кон катастрофа, а 10,1 отсто чувствуваат страв.

Најпозитивен став кон ВИ имаат најмладите испитаници – оние на возраст од 10 до 13 години. Меѓу нив, 44,2 отсто ја доживуваат најсовремената технологија како – „фасцинантна“.

Посетеноста на кината, којашто значително опадна за време на корона-пандемијата, бележи постојан раст последните години. Младите бараат начини да се оддалечат од екраните на своите мобилни телефони, да пронајдат чувство на припадност кон заедницата и повторно да се поврзат со светот околу нив. Неодамнешните филмски хитови, како што се „Задни соби (Backrooms)“ и „Опсесија (Obsession)“ – режирани од креатори од „Јутјуб“, покажуваат дека помладата публика бара оригинални приказни што користат формати и митологија својствени за денешницата и интернетот.

– Ова е одраз на дигиталните светови во коишто тие пораснале. Оние кои го контролираат пристапот до медиумите се променија. Младите сега сами одлучуваат што сакаат да гледаат и што сакаат да гледаат повеќе во содржините што ги избираат. Лидерите во индустријата треба да ги слушаат младите, како и експертите кои се грижат за нивниот развој и благосостојба, изјави Јалда Т. Улс, основачка и извршна директорка на Центарот за научници и раскажувачи, и професорка на Катедрата за психологија при УКЛА.

Според неа, овој извештај јасно покажува дека токму погледите и наклонетоста на младината се клучот за создавање висококвалитетна содржина што ќе допре до денешните млади. МИА

фото:Magnific

To top