Последниве години тој важи за еден од најистакнатите актери во Македонија, а улоги остварувал и надвор од неа. По завршувањето на Факултетот за Драмски уметности во 2001 година во Скопје, започнува професионална кариера која ја гради во Прилепскиот народен театар, а од 2010 година е член на ансамблот на Драмски театар – Скопје.
Неговата посветеност на актерската уметност и неговата способност да се прилагодува на различни улоги го прават еден од најценетите актери во македонската култура. Со стамена појава, мажествен лик и харизма со која зрачи на сцената, подеднакво добро, содржајно и палстично умее да ги донесе и долови улогите на ликовите во различни жанрови… И во комедијата и во трагедијата.
Има богат театарски опус, со настапи во бројни претстави на домашната и странските театарски сцени. Некои од неговите значајни улоги ги вклучуваат: Луис во „Ангели во Америка“ (2009), Розенкранц во „Хамлет“ (2010), Темјан во „Генетика на кучињата“ (2012), Актер во „Последните Македонци“ (2012), Поетот во „Вртелешка“ (2020), Стојко во „Огнени јазици“ (2013), Осман Бег во „Македонска крвава свадба“ (2013), Капетанот Џон Пиплфокс во „Џон Пиплфокс“ (2014)…
Учествувал на бројни фестивали, вклучувајќи ги „Млад отворен театар“, „Војдан Чернодрински“, „Денови на комедија“, „Ристо Шишков“, „Охридско лето“ во Македонија, како и на фестивали во Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, САД и Австралија, а бил добитник и на неколку награди, меѓу кои и на престижните на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Сепак се чини дека последното соло оставрување, маестралната изведба на фасцинантната интерактивната монодрама „Сите најубави нешта“ која ја игра последниве месеци, наликува како да е круна на неговата актерска кариера, во која допрва има уште многу тоа да каже и покаже.
Покрај театарот, детската едукативна ТВ серија „Петко“ односно „5+ Фамилија“, каде го игра ликот на детективот Цветко ќе му донесе огромна популарност меѓу најмладата публика, преку која ќе го запознаат одблизу и повозрасните.
Во нивниот ТВ свет мегапопуларен пак, ќе стане преку хумористичната ТВ серија „Преспав“, каде ликот на Коста ќе го круниса со ореолот на славата кај широките народни маси.
Улогите на „големото платно“ пак му даваат една поинаква нота на сериозност и зрелост во нивното остварување, па неговиот лик и појава се дел од филмските остварувања како: Погрешно време (2000), Големата вода (2004), Медена ноќ (2015), Златна петорка (2015), а кино публиката меѓудруготио го памети и како Коста во „Трето полувреме“ (2012), Лазар во „Лазар“ (2015) или Цобе во „Година на мајмунот“ (2018)…
Приватноста не ја споделува во јавноста, туку мистично ја крие, љубоморно чувајќи ја само за себе, па истата е мистерија за пошироката популација негови обожаватели.
Во „Преспав“ – швалериште, на театарската сцена и филмското платно – актериште, но во приватниот живот далеку од боемиште… Напротив, тивок, фамилијарен човек, домаќин посветен на семејното огниште.
Одан сопруг на својата љубов уште од училишните клупи, сопругата Ева, татко на двајца синови, Јаков и Андон. Со семејството живее во куќа во Бардовци, каде што се занимава со лозарство и органско земјоделство.
Љубител на природата и планините, активен спортист, член на аматерското атлетско друштво „Стобул“, каде што учествува во маратони и полумаратони. И покрај својата популарност, упорно го избегнува активното користење на социјалните мрежи, преферирајќи да го поминува своето време во природа и со своето семејство.
За сето споменато, но и за она што лично го носи во себе, за сите актерски и животни растежи и падови, за остварените и сонуваните работи, за актерските улоги, ама и оние – животните, за семејството, соругата и синовите, за другарството и кумството со колегата, сега актуелен минитер за култура и туризам, за спортот, трчањето (полу)маратони, природата, лозјето и градината, за виното и ракијата надвор од кафеаната и боемштината, за се’ што досега не сте го знаеле или само сте го начуле, овој пат ќе го слушнете изворно, лично и персонално од актерот Игор Ангелов во интер ток шоуто „Ништо лично“.
Поткаст кој премиерно можете да го следите секоја среда во 20.00 часот директно на YouTube каналот на КурирМК (@Kurir.podcast), но и подоцна, било кој ден во било кое време, доколку кликнете на посочениот Јутјуб линк.