Мегафон театар

„Хајди“ премиерно во Театарот за деца и младинци

„Хајди“ премиерно  во Театарот за деца и младинци

Претставата „Хајди“, работена според романот на Јохана Шпири, едно од класичните дела на детската литература утре, на 6 јуни, во 19 часот ќе биде премиерно прикажана во Театарот за деца и младини – Скопје.

Режијата е на Драгана Гунин, а драматизација на Драгана Лукан Николоски.

Направивме ново читање, се обидовме да го ослободиме ова дело од сите нишки кои на денешните деца може да им бидат далечни и да ја прикажеме сликата за искреното и чисто пријателство, вгнездено во чистата природа, моќно да направи чуда за кои луѓето немаат одговор, велат од Театарот за деца и младинци.

Хајди претставува приказна за надежта и пријателството, за убавината на природата и чувството на слобода која ни ја дава таа.

И покрај тоа што станува збор за приказна која се случува во едно друго време, Хајди ни зборува за основните, примордијални чувства и потреби на децата, а со тоа и на сите луѓе. Потребата да се припаѓа и да се биде дел од природата, тој огромен организам во кој сите ние совршено се вклопуваме во моментот кога ќе се соголиме од она што ни го наметнува општеството. Хајди е приказна која не посетува на тоа дека природата, пријателството и надежта, можат да ја излекуваат душата и телото, да ни помогнат дури и тогаш кога не сме свесни дека ни е потребна помош, велат од тимот кој работеше на претставата.

Во претставата играат: Ангела Димитрова, Петар Стојанов, Наташа Петровиќ, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ Бошков и Изабела Новотни.

Музиката е на  Ади Имери, костимографијата е на Елена Вангеловска, а сценографијата на Кирил Василев.

„Хајди“ е претстава наменета за возраст над шест години.

To top