Мегафон овој викенд

„Графити фест“ во Куманово

„Графити фест“ во Куманово

Во Куманово во урбаната месна заедница „Панче Пешев“ утре и задутре со почеток во 12 часот ќе се одржи шестиот „Графити фест“, најавија организаторите, „Форма Куманово“.

На фестивалот ќе цртаат уметници од повеќе држави, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Турција, Хрватска Словенија, Германија. Организаторите велат дека се обидуваат на секој начин да го разубават градот и да поттикнат да се развие оваа современа уметност и дел од урбаната култура.

Младен Трендевски од „Форма Куманово“ ги повика кумановци да го проследат „Графити фест“, на кој покрај уметници-цртачи, ќе има и целодневна музичка програма на која ќе настапат македонски диџеи, ќе има промотивни штандови и забава за сите генерации. Цртачите ќе цртаат на слободна тема на површини во урбаната заедница. Шаренилото од бои и контрасти ќе го разбие сивилото во градот, сметаат организаторите.

Сите ќе творат на свој начин, фестивалот има ревијаен карактер, изјави Трендевски.

Организаторите сметаат дека полека јакне свеста кај населението за зачувување на изработените мурали во Куманово. Изминатиов период беа исцртани површини на булеварот „Октомвриска револуција“, на неколку локации, меѓу училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, населба Гоце Делчев, скоро цело градско подрачје во Куманово, во повеќе урбани заедници. Уметниците исцртаа мурали посветени на великанот Блаже Конески, репрезентативецот Столе Димитриевски, на Гоце Делчев, на хероите од „Диво Насеље“, на Бобан Трајковски…

Нè радува што граѓаните го препознаваат нашиот труд, кажа Трендевски.

За годинашниов фестивал, „Графити фест“ „Форма Куманово“ доби поддршка од бизнис заедницата од државата.

To top