Мегафон вечер кога дланките ќе треба да го следат ритамот на срцата

„Дрим Тим“ со концерт одбележуваат убав јубилеј – 25 години музика

„Дрим Тим“ со концерт одбележуваат убав јубилеј – 25 години музика

25 години убава македонска музика, 25 години хитови, 25 години кариера – ете толку полни Дрим тим, бендот кој може да се пофали со милионски прегледи на Јутјуб, свирки буквално на сите континети, бројни соработки со низа домашни имиња… И тоа не е сѐ, но сето дефинитивно е убав повод за голем славенички концерт закажан на 29 ноември во Македонскиот народен театар. Концертот се најавува како вистинско музичко патување низ времето, низ кариерата која почна во далечната 1999 година кога тогашната постава на Дрим тим во која членуваа Никола Коцев, Маријан Коцев, Александар Ангелов, Сашко Велков, Ангел Ќосев и Гоце Илиоски реши да почне да ја раскажува својата музичка приказна.

Речено-сторено, сите од прв до последен врвни музичари речиси не постои парче земја на планетата каде немаат музицирано, нема домашен фестивал на кој немаат настапено, дури и самите не знаат колку песни имаат снимено и колку настапи имаат запишано во својата музичка биографија. Кога се живите настапи во прашање, е тука се неприкосновени – се свири и пее сѐ, имаат репертоар за респектирање. Сегашната постава на Дрим тим ги вбројува Дејан Николовски – Чуле (вокал), Никола Коцев (труба), Димитар Митровски (хармоника), Александар Ангелов (кларинет/сакс), Ангел Ќосев (клавијатура) и Гоце Илиоски (тапани) и токму тие ќе бидат задолжени за музицирањето на 29 ноември, кога на сцената ќе видиме и дел од колегите со кои соработувале низ годините. Извесно е дека на сцената друштво ќе им прават Синтезис, Влатко Лозановски, Маријан Коцев, Сузана Гавазова…

Билетите веќе се пуштени во продажба, и тоа преку продажната мрежа на МНТ, односно на билетарницата, а по цени од 500 во галеријата и 800 денари во партерот. „Почитувани колеги, роднини и пријатели, со огромно задоволство Ви го најавуваме нашиот долгоочекуван концерт, 25 години постоење на Дрим тим. Ве покануваме да бидете дел од нашиот концерт кој ќе се одржи на 29. ноември во Македонски народен театар“, велат членовите на Дрим тим и ветуваат дека публиката може да очекува одлично спакувана приказна во која ќе уживаат и најпребирливите, а оние кои сакаат да уживаат во убавата македонска песна на 29 ноември со себе треба да понесат само добро расположение.

„Долго размислувавме и сонувавме за ваков концерт, со оглед на приликите на домашната сцена можеби малку и се колебавме, но време е музиката да излезе од летаргијата во која е западната и конечно работите да почнаат да се придвижуваат. Можеби чекавме предолго, но ете се охрабривме и решивме дека едноставно мораме да ѝ се оддолжиме на нашата публика заради која и постоиме“, едногласни се сите членови на Дрим тим, кои деновиве интензивно се подготвуваат за претстојниот концерт. Не заборавајте – 29 ноември е вечер кога дланките ќе треба да го следат ритамот на срцата, кои ќе чукаат македонска музика.

To top