Половина век со музиката, безброј емоции и песни што оставаат трага! Џина Папас Џокси продолжува да создава, па по повод своите 50 години естраден живот посветен на музиката, подготви ново звучно препакувано издание на песната „Љубовта е“, која добива свежа енергија, поинаква музичка атмосфера и сосема ново руво.
Новата верзија беше промовирана денес, понеделник 26 октомври, со почеток во 12:00 часот, во скопската пивница „Beer Garden“ во срцето на Дебар маало, каде беа поканети новинарите, но и сите љубители на музиката за да бидат дел од ова музичко дружење.

Песната „Љубовта е“ Џокси првпат ја отпеа на фестивалот „Макфест“ во 2016 година. Десет години подоцна, оваа музичка приказна добива нова димензија, со освежен аранжман и поинаков звук, но со истата емоција и порака што ја носи самиот наслов.
За новото музичко руво се погрижија како вокално трио самиот тој, заедно со Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски, во соработка со продуцентот Валентино Скендеровски и Томче Бојаџиески, додека текстот со надополнети две строфи кои на макфестовската верзија заради должината беа „исечени“ е на Огнен Неделковски. Станува збор за креативна соработка што на добро познатата песна ѝ отвора ново поглавје и ѝ дава можност повторно да допре до публиката, овојпат во поинакво звучно издание.

За Џокси, ова не е само уште една нова верзија на стара песна, туку и убав повод да се одбележи долгогодишната љубов кон музиката со најава за голем, јубилеен солистички концерт во пролетта 2027-ма со многу познати гости. Како што самиот кажа на дружењето со претставниците на „седмата сила“, на концертот неговите песни ќе ги изведува исто така во ново руво со мноштво познати колеги, од кои дел спомена како Сашо Гигов Гиш или Жаклина Стевковска, на пример, но и со еден уметник од Јапонија.

Со нетрпение го најавува ова ново поглавје и на „Љубовта е“ и на претстојниот концерт каде што музиката ќе биде главниот повод за уште една средба, ново дружење и споделување позитивни емоции.







