По минатогодишната „Врзете ми ги рацете” е новата песна на Дарио Панковски, која излезе деновиве. Направена во негов препознатлив стил, емотивна лирска тема со покајнички стихови во кои уште еднаш стариот музички лисец ги истакнува своите брилијантни мултиавторски квалитети.
Како и на претходните песни самиот Дарио е автор на музиката и текстот на песната, а аранжер е Кристијан Габровски. Пејачот посочи дека му е драго што снимил една сосема „природна песна“ во која нема никакви компјутерски ефекти.
„Ова е класична љубовна песна инспирирана од многуте реални љубовни приказни. Оние приказни во кои многумина не знаат да го ценат она што го имаат покрај себе, а подоцна целото време го минуваат во каење и патење по она што некогаш го имале, но го прокоцкале“ – ни рече Дарио.
„Инаку, музички, ова е вистинска песна, песна како некогаш. Убава приемчива хармонија, со впечатлив ударен и певлив рефрен, со медитеранско-балканска нота и, што е најважно, без ефекти во форма на аутотјун и слични ‘модерни’ квазиакробации. Само глас, музика и многу чиста емоција, љубов и енергија“, вели поп-пејачот, кој е еден од ретките чија музика нема рок на траење и е подеднакво приемчива за сите генерации. Такви се сите негови песни таква е и оваа несреќна љубовна приказна преточена во стихови и ноти насловена „Врзете ми ги рацете“, која можете да ја слушнете во продолжение.