На 27 септември, на сцената на Националната опера и балет со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетот „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев, но во една сосема неочекувана и модерна верзија. Кореографот Александар Илиќ, гостин од Србија, ја пренесува оваа позната бајка во ерата на 70-тите години од минатиот век, инспириран од филмот „Брилијантин“ и култната улога на Џон Траволта.
„Ова не е класична поставка на ‘Пепелашка’,“ вели Илиќ. „Одлучивме да ја сместиме во времето на диско културата, носејќи нов и свеж контекст за оваа вечна приказна.“
Во изведбата учествуваат познати македонски и странски балетски уметници како Наташа Трендафилова Гицев, Игор Веланоски и Ендру Кук од Англија, заедно со солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет. Костимографијата е дело на Катерина Радошевиќ Галиќ од Хрватска, а сценографијата на Филип Коруновски.