Мегафон

Балетот „Митот за Амазонките“ со уметниците на грчкиот „АРТ денс театар“ вечерва на „Охридско лето“

Балетот „Митот за Амазонките“ со уметниците на грчкиот „АРТ денс театар“ вечерва на „Охридско лето“

Програмата на годинешното 66 издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со балетот „Митот за Амазонките“ во изведба на театарската и балетска компанија „АРТ денс“ од Грција.

„Митот за Амазонките“ е танцов перформанс што се базира на античкиот грчки мит за Амазонките, со музика специјално компонирана за оваа претстава.

Амазонките биле митска раса на жени воини кои биле потомки на богот Арес и нимфата Хармонија. Нивниот дом бил Темискира во Црното Море. Според митот, биле ненадминати во мечување, а исклучително се служеле со лак и стрела и биле еднакви соперници на мажите, истакнувајќи се со својата храброст и борбени вештини.

Претставата се фокусира на двата најпознати мита поврзани со Амазонките, митот за кражбата на златниот ремен од страна на Херкулес и митот за борбата помеѓу Пентесилеја и Ахил, во која Ахил ја убива Пентесилеја, а потоа ѝ го отстранува сребрениот шлем кој ѝ го покрива лицето и вчудоневиден од нејзината убавина, се вљубува во неа.

Режисер на претставата е Артемис Игнатиу, кој е и кореограф, како и уметнички директор на церемонијата на палење и предавање на Олимпискиот пламен.

Театарската и балетска компанија „АРТ Денс“ настапува на бројни сцени и фестивали во Грција и надвор од неа. Тие беа официјален претставник на Грција на 10. Танцов фестивал во Лимасол (Кипар) во 2007 година, а имаат настапено и на отворањето на 6. Фестивал на културата во Пекинг во 2008 година како дел од Културната олимпијада во Кина.

Компанијата премиерно ја изведува балетската претстава „Митот за Амазонките“ во 2013 година за време на Културниот фестивал во музејот „Бубулина“ во Спетсес во Грција. Во 2014 година овој перформанс е избран од Грчкото министерство за култура да ја претставува Грција на Интернационалниот фестивал во Сус, како и на неколку други фестивали во Тунис.

Во 2017 година на културната соработка помеѓу Грција и Кина, „Амазонките“ се играат во Гуанжу и во Шунде-Фошан, а во 2022 година се дел од активностите за одбележување на Тирана – европски младински град за 2022 година.

За изведбата на балетскиот перформанс е резервирана сцената на „Долни Сарај“ од 21 часот. аб/са/

Фото: „Охридско лето“

To top