Мегафон Акустична магија под отворено небо

„Баклава“ со концерт во Куршумли ан: Две децении музичка магија во рамки на „Скопско лето“

Групата „Баклава“ прославува 20 години музика со јубилеен концерт под отворено небо во Куршумли ан, како дел од фестивалот „Скопско лето“.

„Баклава“ со концерт во Куршумли ан: Две децении музичка магија во рамки на „Скопско лето“

Една од најавтентичните македонски музички групи – „Баклава“, ќе одржи специјален концерт на 23 јуни (понеделник), со почеток во 20:30 часот, во Куршумли ан, во рамки на програмата на фестивалот „Скопско лето“.

Концертот е посветен на одбележувањето дваесет години постоење и творештво на овој состав, кој со својата акустична и етно инспирирана музика остави длабока трага на домашната сцена. Публиката ќе има ретка можност да ужива во песни од сите пет албуми на групата„Баклава“, „Калемар“, „Ме манкас мучо“, „IV“ и „За Скопје со љубов“ – низ едно емотивно и стилски богато музичко патување.

„Баклава“ е препознатлива по својата уникатна спојка на традиција и урбана чувствителност, а концертот во Куршумли ан ветува вечер исполнета со виртуозни изведби, искрен израз и длабоки емоции.

Влезниците ќе се продаваат на влезот од Куршумли ан, непосредно пред почетокот на концертот, по цена од 500 денари.

To top