Изминатиот викенд Андријана Јаневска промовираше нова песна насловена „Не биди тој“. Песната за првпат јавноста можеше да ја слушне на 1-ви февруари 2025 во 12 часот, на скопското радио „Бубамара“ на кое ја имаше и својата промоција во етерот.
Музиката и аранжманот се на Александар Јовевски, текстот е на Весна Малинова. Виолината ја свири Андријана Јаневска, а гитарските делници нејзиниот сопруг Драган Гиновски – Гино кој се потпишува и како продуцент. Песната е снимена во нивното семејномузичко студио Гиновски.
Овој пат така суптилниот, а толку моќен вокал на Андријана просто како да лебди низ „филмската“ балада, која наликува на оние од насловните музички теми на филмовите за најпознатиот таен агент на светот Џејм Бонд, на пример. Нежна, суптилна, хармонична, а сепак тешка, на моменти дури и траорна, необична тема во која играта на емоциите го менува расположението, преоѓајќи од љубовна рапсодија која ја милува душата, до крик на очајот кој моли за трошка љубов која неповратно е изгубена и полека исчезнува. Поп симфонија во која се испреплетуваат очајот од љубовната загуба и последната трошка надеж дека сепак ќе се случи чудо, па љубовта чије време истекува во последен миг повторно ќе се реинкарнира во онаа вистинската.
Сето ова се разбира преку „извезените стихови“ на Весна Малинова, која на брилијантен начин во песната ја опишала состојбата на „љубовниот очај кога љубовта заминува и надежта која последна умира“!
Песната е визуелизирана или поточно поткрепена со лирик видео во кое зборовите ја потенцираат музиката која го надополнува текстот создавајќи една единствена симбиоза, која со слики кои како на филм самите се создаваат во вашата глава, толку сликовито и пластично ја опишува состојбата кога „љубовта е на апарати“!
Како сето ова звучи во новата тема на Андријана Јаневска насловена „Не биди тој“, проследете во продолжение…