Мегафон најлична приказна досега

Бобан Рајовиќ сними песна за Македонија: „Ова не е само песна, ова е душа“

Бобан Рајовиќ сними песна за Македонија: „Ова не е само песна, ова е душа“

Некои песни не се пишуваат за да станат хит, туку затоа што душата предолго молчела. А можеби едноставно и не се создал вистинскиот момент. На Бобан Рајовиќ, едно од најпрепознатливите музички имиња од соседството, конечно му дојде токму тој момент и по 26 години кариера ја сними песната што, како што вели, долго му лежела на срцето. „Ружа са југа“ е неговата најлична приказна досега. Тоа е песна посветена на Македонија, на луѓето, емоцијата, спомените и чувството кое, вели, не може да се доживее никаде на друго место.

Луѓето кои никогаш не биле во Македонија мораат да дојдат овде. Во моментот кога ќе зачекорат на македонска почва ќе почувствуваат една душа, една емоција, едно гостопримство. Сето сум го почувствувал секогаш кога сум дошол овде. Имам многу македонски пријатели и долго, долго размислував за песна за Македонија или песна во која ќе се споменува Македонка. Се надевам дека луѓето низ „Ружа са југа“ ќе ја почувствуваат душата на оваа земја, мојата душа, а низ спотот ќе ги видат и преубавите предели. Едноставно морав да го направам ова затоа што долго ми лежеше на срцето“, вели Рајовиќ, откривајќи дека идејата за ваква песна ја носел во себе уште од времето кога растел со Македонци во Данска.

Автор на песната е Славко Стефановиќ – Славкони, човекот чие име стои зад голем број регионални хитови, а видеоспотот е вистинска разгледница од Македонија. Сниман е на неколку автентични локации, меѓу кои Галичник, Охрид, Свети Николе и Кавадарци.

Зад спотот стојат Мелем продукција и Огнен Шапковски, а главната женска улога ја доби македонската манекенка Ангелина Китановска, која Рајовиќ лично ја избрал и која, како што вели, се издвоила по својата природна убавина.

„Ружа са југа“ ќе биде промовирана во рамки на првиот дел од новиот албум на Рајовиќ, кој излегува на 26 мај. Првиот дел од проектот содржи четири песни и, како што открива тој, сите се автобиографски и длабоко лични.

Ова е вистинскиот Бобан Рајовиќ. Конечно почнав да се занимавам со песни што навистина ми лежат“, порачува пејачот, најавувајќи големи концерти во Македонија во периодот што следува.

А ако се суди по емоцијата што ја носи „Ружа са југа“, ова нема да биде само уште една песна. Ова ќе биде песна во која многумина ќе се пронајдат, затоа што не е создадена само да се слуша, туку и да се почувствува. Да се почувствува Македонија низ очите на човек кој одамна ја носи во срцето.

To top