Годинава 39-тото издание на „Фолк Фест Валандово” ќе се одржи на 26-ти и 27-ми мај 2026 година, носејќи со себе значајни промени и нова енергија.
Фестивалот оваа година влегува во ново поглавје со ново раководство кое веќе најавува поинаков пристап во организацијата. За уметнички директор е избран Илчо Јованов, извршен директор е Горјан Стојановски, додека функцијата технички директор му припадна на Ѓоко Павлов.

За разлика од изминатите години кога фестивалските активности траеја три дена, според информациите до кои дојде Музика24 – ова издание ќе се реализира во скратен, но динамичен формат од два дена. Првата предфестивалската вечер (забава) ќе се одржи на 26-ти мај на градскиот плоштад во Валандово, но овој пат тоа ќе биде само една вечер, задржувајќи ја традиционалната атмосфера на дружење со публиката. Главната фестивалска вечер ќе се одржи на 27-ми мај во добро познатата фестивалска сала „Јанко Узунов”, каде што ќе бидат претставени 20 нови композиции во изведба на познати македонски музички имиња.

Новото раководство најавува и неколку музички изненадувања, кои според нив ќе донесат освежување и ќе ја збогатат програмата – како за медиумите, така и за публиката која традиционално го следи фестивалот преку директен телевизиски пренос. По велигденските празници, кон средината на април, се очекува да се одржи и првата официјална прес-конференција, на која ќе бидат објавени сите детали – од учесниците и композициите, до редоследот на настап.
Со нов концепт, свежа организација и најави за изненадувања, годинашното издание на „Фолк Фест Валандово” најавува рестарт на една од најзначајните музички традиции во Македонија.







