Големиот Игор Џамбазов на чело на ФК Дојранско езеро – осамна насловот на спортскиот портал Спортска мрежа. Фудбалскиот клуб ФК Дојранско езеро добива нова организациска структура со доаѓањето на новата управа во која се вклучени луѓе кои искрено го сакаат фудбалот.

На чело на клубот во функција на негов претседател застанува легендарниот македонски актер, блузер, водител и шоумен, Игор Џамбазов, кој како еден од најпрепознатливите ликови во Македонија сега е во нова улога. Игор ја започнува својата спортска приказна, што потврди и самиот Џамбазов при последната средба со уредникот на Вистина.мк!

Сега Џамбаз е налик на Драган Џајиќ своевремено како претстедател во ФК Црвена Ѕвезда, или како што самиот се пошегува: „Ма какви, сега сум како Берлускони во Милан“!
Покрај него во управата се и Мишел Истатов, инаку син на легендата Благој Истатов, Кирил Изов кој е селектор на ЖФК Истатов и женската фудбалска репрезентација на Македонија и Дине Биојаџиев, додека функцијата секретар на клубот му е доверена на Иле Поп Костов.

Како што ни изјави и самиот Џамбазов голема поддршка добиле и од актуелниот градоначалник на Дојран, Иле Тентов, кој без поговор се согласил да му помогне на клубот.
Инаку клубот од Нов Дојран кој се натпреварува во Третата македонска фудбалска лига – Исток е основан во 1978 година, а најголемиот успех досега го постигнал со пласман во Втората македонска фудбалска лига. ФК Дојранско езеро располага со сопствена инфраструктура и младински категории, што е важен предуслов за растеж и нови успеси.

Клубот е тесно поврзан со покојниот Благој Истатов и неговото семејство кое ја продолжува фудбалската традиција, а самиот Џамбазов откри дека токмиу легендарниот македонски голман е главниот „виновник“ што во актерот се развила љубовта кон фудбалот.
Сега како прв човек на чело на клубот ќе има можност да се покаже и докаже и во оваа област, во која сите се надеваат дека неговото име ќе придонесе за нови успеси и големи спортски резултати и достигнувања на ФК Дојранско езеро.
Извор и фото: Спортска мрежа




