Бројот на жени со фактори на ризик за кардиоваскуларни заболувања би можел значително да се зголеми во следните 25 години, предупреди Американската асоцијација за срце (American Heart Association – AHA).
Без подобрување на алатките за превенција и рано откривање, кај околу шест од 10 жени би можело да биде дијагностицирана хипертензија или обезност до 2050 година, а фактори на ризик би можеле да се појават и кај децата и тинејџерите, според AHA.
„Кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смрт, а помалку од половина од жените го знаат тој факт“, изјави за „Еј-Би-Си њуз“ д-р Стејси Розен, извршен директор на Институтот Кац за женско здравје и волонтерска претседателка на AHA.
Објавено во списанието „Циркулејшн“, проекциите на AHA сугерираат дека 59,1% од жените би можеле да имаат висок крвен притисок до 2050 година – во споредба со 48,6% во 2020 година – дури и кога се предвидува дека исхраната, физичката активност и стапките на пушење ќе се подобрат.
Според извештајот, околу една од четири жени може да има дијабетес во 2050 година, што е зголемување во споредба со 14,9% во 2020 година, а се проценува дека повеќе од 60% ќе бидат со прекумерна тежина, што е зголемување во споредба со 43,9% во истиот период.
Фактори на ризик за здравјето на срцето нема да ги погодат сите демографски групи жени во САД подеднакво, предвидува извештајот.
Високиот крвен притисок најмногу ќе се зголеми кај жените од латиноамериканско потекло, со проектирано зголемување од 15%, се наведува во извештајот.
Дополнително, повеќе од 70% од црнките би можеле да имаат висок крвен притисок, а дебелината може најмногу да се зголеми кај азиските жени за речиси 26%.
Младите жени и девојки, исто така, може да забележат зголемување на факторите на ризик за срце, делумно предизвикани од помалата можност за вежбање, како и од изобилството на евтина храна што честопати не е здрава за срцето.
Проценките, исто така, сугерираат дека речиси една третина од девојките на возраст меѓу 2 и 19 години ќе имаат прекумерна тежина, што е зголемување од 19,6% со обезност во 2020 година.
Д-р Џенифер Миао, сертифициран кардиолог, вели дека раните хормонални промени кај девојките, исто така, можат да придонесат за кардиоваскуларниот ризик подоцна во животот.
„Неколку студии, исто така, покажаа дека започнувањето на менструацијата на рана возраст може да доведе до зголемен ризик од срцеви заболувања во иднина“, рече таа.
Миао рече дека ги советува родителите дека никогаш не е прерано да почнат да размислуваат за здравјето на срцето на своите деца со „избирање добра храна, физичка активност наместо време пред екран и редовни прегледи кај педијатар“.
И покрај предвидувањата во извештајот, Розен нагласи дека значаен напредок за здравјето на срцето кај жените е сè уште на дофат.
Таа, исто така, рече дека оптимизирањето на здравјето не бара скапо членство во теретана или скапа органска храна.
„Секое движење е важно, без разлика дали тоа значи прошетка или повеќе стоење ако работите на биро“, рече Розен.
Малите, одржливи промени, како што е намалувањето на засладените пијалоци, можат да направат значајна разлика со текот на времето, рече таа.
извор:нетпрес
фото:freepik







