Општина Валандово објави Јавен конкурс за избор на директори на фестивалот „Фолк Фест Валандово“. Неофицијално, организаторот – Општина Валандово има јасна намера: да започне нова музичка приказна и да му даде нов импулс на фестивалот кој речиси четири децении е синоним за новосоздадена македонска песна.
Конкурсот предвидува избор на:
- Директор на фестивалот
- Уметнички директор и
- Технички директор
Сите со мандат од две години, што јасно укажува на поорганизирано, посистематско и современо функционирање на „Фолк Фест Валандово“ во иднина. Но, дали ова значи и целосно нов концепт на „Фолк Фест Валандово“?! Она што е сигурно е дека фестивалот подолго време имаше потреба од свежа енергија, нови идеи и посилна визија, со цел да го задржи својот углед, но и да се приближи до новите генерации.
Во годината кога „Фолк Фест Валандово“ одбележува 39 години постоење, Општина Валандово оди чекор понатаму и паралелно објавува и Меѓународен конкурс за избор на композиции за фестивалот „Фолк Фест Валандово 2026“. Ова е отворена покана до сите композитори, текстописци и автори од земјата и странство да бидат дел од фестивалот кој со децении ја гради и чува македонската музичка традиција, но истовремено постојано бара нов звук и нови имиња.
Во продолжение можете детално да ги погледнете и прочитате условите, роковите и сите потребни информации:
„Фолк Фест Валандово“ очигледно влегува во чувствителна, но возбудлива фаза. Дали ова ќе биде нов почеток или ризичен пресврт, набргу ќе покаже времето по завршувањето на годинешното издание.







