Почетокот на годината го одбележа страшна трагедија. При пад од петти кат во окно од лифт во зграда која е во изградба на 12-ти јануари загина 28-годишниот охридски снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев.
Трагичната вест ги шокираше сите, целата македонска јавност, особено естрадната која со неверување ја прими страшната вест. Особено трогнат и избезумен беше неговиот сограѓанин, македонската Гранд ѕвезда, рок пејачот Александар Јосифовски, кому загинатиот Љушев му беше соработник, но приватно и голем пријател и повеќе од тоа.

Тогаш Јосифовски на своите профили на социјалните мрежи објави заедничка фотографија со обемен трогателен пост, во кој со огромна тага и мака јавно се прости од својот другар.

Деновиве охридскиот рокер одново сподели нова содржина, овој пат само на својот Фејсбук профил, на кој всушност Јосифовски објави песна за својот трагично починат другар Криско, како што му беше прекарот на Љушев.


„Напишав песна за тебе, ,не знаев дека ке биде за тебе, Aна е сведок за тој ден додека ја работев.Ја компонирав за Весна Змијанац и сакав да и ја испратам следниот ден.Како да ме повика да го напишам текстот за таа мелодија,брате мој,Истиот кобен ден ,јас ја завршив мелодијата и Djole Djole Saweski ми се јави да ми ја соопшти твојата судбина.Остана тогаш така празна без текст.Сега си има свој текст.
За гласот што сe уште го слушам во тишината Криско,
за смеата што одѕвонува во спомените
и не сака да замолчи.
Направив видео од нашите слики,
од мигови фатени без да знаеме
дека еден ден ќе станат сe што ни останало.
Секој кадар носи дел од тебе,
секој момент, доказ дека беше тука,
дека живееше, дека нe сакаше.
Со другарите ги собравме спомените
како расфрлани парчиња светлина,
се смеевме, се распаѓавме,
се сеќававме на деновите кога времето
не брзаше толку сурово.
Ова не е само песна,
ова е разговор што не стигнав да го завршам,
прегратка што остана во воздухот,
и ветување дека нема да те заборавиме.
Живееш во секоја слика,
во секоја песна што ќе ја пуштиме до крај,
во секој момент кога ќе кажеме „се сеќаваш ли“.
Додека ние паметиме
ти си сe уште со нас“.

Покрај стиховите Александар Јосифовски споделил и едно измонтирано видео со фотографии и „подвижни слики“ од разни моменти на задничката соработка и приватна дружба со неговиот другар кого повеќе физички го нема.
За потсетување, Љушев работеше во сопствената „Шпанец продукција“. Неговиот професионален ангажман опфаќаше широк спектар на проекти, од комерцијални видеа и музички спотови, до документарни и интернационални продукции.

Соработуваше со бројни музичари и уметници, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз, Марама и други.

Посебно беше посветен на визуелното документирање на културните и традиционалните настани во Охрид и поширокиот регион, а неговиот творечки печат е присутен и во повеќе проекти поврзани со Бигорскиот манастир.
Фоти и видео: Инстаграм и Фејсбук/alexandarjosifovski






