Младинскиот културен центар – Битола, инаку официјален младински клуб на УНЕСКО, во вторник на 30 април 2024 година со почеток во 22 часот, во кафе бар Порта Џез во Битола ќе го одбележи Меѓународниот ден на џезот со концерт во живо на СИН ПУСТИЊЕ (Синот на пустината).
СИН ПУСТИЊЕ е поетско-музичка авантура на двајца уметници од Сараево (БиХ), поетот и прозаист Ахмед Буриќ, на кој му се придружува пејачот, инструменталист и истражувач на Севдах Дамир Имамовиќ. Во проектот се познатиот гитарист Тони Китановски и Иван Михајловиќ на бас.
Овој концерт по десетти пат ќе ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ќе биде на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Настанот се организира во партнерство со Порта Џез и со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола. Влезот е бесплатен.