Холивудскиот актер Џорџ Клуни, добитник на два Оскари и четири Златни глобуси, е горд на своите деца кои веќе ги покажуваат своите таленти.
Клуни и неговата сопруга, адвокатката за човекови права Амал Клуни, ги имаат 8-годишните близнаци Александар и Ела, а во неодамнешно интервју откри дали постои можност да ги следат неговите стапки, пишува списанието Hello!.

На Филмскиот фестивал во Њујорк, Клуни разговараше со E News за иднината на неговите деца во глумата.
„Не знам. Толку е тешко да се каже на осум години“, рече тој кога го прашаа дали покажале интерес за глума. „Тие се многу смешни деца и сакаат да глумат и да пеат. Но, знаете, се надевам дека ќе го прават токму она што сакаат да го прават во животот, и тоа е сè што можеме да се надеваме“, додаде гордиот татко.
Нивните пејачки способности веќе оставија трага кај Џорџ, кој за „Ентертејнмент тунајт“ откри дека обожаваат да пеат заедно со музиката од популарниот мјузикл „Хамилтон“. „Малку е срамно кога ќе чуете 8-годишни деца како пеат некои од репликите“, објасни тој.
Актерот, исто така, откри како близнаците полека стануваат свесни за славата на нивните родители. „Тие имаат идеја“, рече тој. „Моето дете дојде кај мене пред некој ден и ме праша: „Тато, што значи да се биде славен?“ Некој во мојот клас рече дека си славен. Јас реков: „Кажи му на тоа дете дека сум многу славен.“
Иако Александар и Ела не ги имаат гледано повеќето филмови на нивниот татко, тие уживаа во анимираниот хит „Фантастичен господин Фокс“. „Нема да им дозволам да ги видат Бетмен и Робин, сакам да ме почитуваат“, се пошегува Клуни.
Откако стана татко во 2017 година, Клуни значително ги намали своите проекти за да помине повеќе време со семејството. „Веќе не брзам да бидам успешен“, изјави тој за емисијата „Екстра“ на „Фокс“. 64-годишниот актер додава: „Сè уште сум доволно млад за да се занимавам со нив. Брзо минува. Но, сè уште можам да го направам тоа. Значи, се забавувам навистина добро“.





