„Посвети и пофалби“ е насловот на новата поетска книга на Иван Џепароски, издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје. Стихозбирката е објавена во познатата едиција „Синтези“, со поговор на Кристина Николовска, под наслов „Со стих кон стихот“, информираат од „Дијалог“.
Генералната оценка во толкувачкиот прилог е дека „Посвети и пофалби“ од Иван Џепароски е проект со впечатливи творечки и креативни достоинства, „поетско дело кое на стабилен и моќен начин покренува важни теми од нашата култура“, велат од „Дијалог“.
Во оваа смисла Николовска подвлекува: „Тоа е прекрасен поетов глас, искрен и интимен однос кон поезијата, кон филозофијата во поезијата, арс-поетиката и поетската херменефтика. Со ова дело македонската литература, добива извонредно остварување кое преку стих покренува, третира и толкува серија важни прашања од нашиот културен, научен и творечки амбиент.“
Иван Џепароски (1958) е поет, филозоф, естетичар, критичар, преведувач и антологичар. Автор е на четириесетина дела од областа на поезијата, на естетиката и културната теорија, како и составувач на поетски антологии и на книжевно-теориски и естетички избори.
За своето творештво добитник е на наградите „Млад борец“, „Димитар Митрев“, „Парадигма“, „Браќа Миладиновци“, „Книжевен жезол“ и „Константин Филозоф“. Добитник е и на наградата „Григор Прличев“, највисоко признание за поетски превод.