Почина Зоки Фаци… Еден од најпознатите македонски естрадни новинари и ТВ водители за жал, ја загуби битката со опаката болест – канцерот, со која се бореше последниве години.
„За жал ова утро во 6:40 почина Зоран Василевски. По долга борба со ракот тој не успеа. Македонија изгуби новинар, другар, човек кој знаеше да помага на сите.
Сочувство до фамилијата и блиските. Погребот ќе биде утре, а каде и кога ќе ве известам.
Те сакам пријателе, секогаш ќе се сеќавам на тебе и на твојата насмевка. Многу ќе ми фалиш“ – ја сподели тажната вест утринава Стефан Лазаров, чиј поткаст можеби и немаше да биде толки гледан, а самиот тој толку популарен да не беше соработката токму со Зоки, кој беше своевиден естрадно-новинарски“ трејд марк самиот по себе.
Инаку Зоран Василевски беше дел од новинарските тимови на едни од најзначајните медиуми кои се појавува и гаснеа во Македонија.
Од печатеното издание на мегатиражниот дневен весник „Вест“ во чија забавна редакција работеше, преку А1 ТВ и првото дневно естрадношоу во вид на куси вести „Ексклузив“, потоа нивниот естраден магазин „Крема“, сопственото ТВ шоу „Фаци“ по кое го доби и прекарот, па се’ до 1 ТВ на Боки 13-ка и порталот „Либертас“ за кој пишуваше, како и заедничката соработка со Лазаров во неговиот поткаст.
И покрај сознанието дека има канцер, Зоки до последен ден беше оптимист, со позитивна мисла дека ќе ја надмине ситуацијата и победи опаката болест, работејќи и соработувајќи во разни проекти од кои покрај поткастот на Лазаров, беше и неодамна одржаниот домашен избор за наша претставничка на светскиот Мис Универум.
За жал не беше во можност да присуствува ниту на доделувањето на наградите на најгледаниот естраден ТВ магазин „Бекстејџ“ каде поткастот на Лазаров во кој беа длабоко вткаени неговиот лик, харизма, релации со гостите, информациите, прашањата… ја доби наградата за најдобар поткаст.
Лазаров таа вечер му ја посвети на својот компањон и пријател, а Зоки Фаци следното уро од инвалидска количка им се зблагодари и нему и на јавноста за почитта и наградата.
Инаку болеста му беше дијагностицирана во 2022 година, по што следуваше хируршки зафат на отстранување на канцерот, но за жал по неполна година болеста се врати.
Зоки неодамна замина и во Турција, каде што требаше да биде опериран, но лекарите таму му соопштиле дека канцерот за жал се проширил и метастазирал на коските, по што станал неоперабилен.
И покрај целата ситуација и сознанието дека здравствената состојба му е мошне влошена, тој постојано беше ведар, не се предаваше и до последен момент јавно зборуваше дека ќе го победи канцерот и ќе се врати во новинарско-водителските води. За жал реалноста беше поинаква, а судбината сакаше денес, 01.11.2024 година засекогаш да замине… во вечноста.
Последното испраќање на Зоран Василевски алиас Зоки Фаци ќе биде во недела (03.11.2024), во 12.00 часот во црквата Св. Никола во скопско Катланово. Зоки Фаци ќе биде погребан во 13.00 часот на гробиштата во Катланово.