Живот и стил

Ловен дом Берово – нова рурална приказна: Започнале пред година ипол, а веќе планираат проширување на капацитетите и нов хотел

Ловен дом Берово – нова рурална приказна: Започнале пред година ипол, а веќе планираат проширување на капацитетите и нов хотел

За гостопримливоста и љубезноста во Малешевијата знаат речиси сите и секој кој имал можност го посетил овој крај полн со природни убавина, шуми, езеро и чист воздух.

Берово се наоѓа на 846 метри надморска височина и е опкружено со богатство од букови, борови и дабови шуми. Во текот на летото е полно со гости, а во зима е честа викенд дестинација и бегство од градските магли, особено за граѓаните на главниот град, но и пошироко. Овој предел не е тајна ниту за странските туристи кои често се воодушевуваат и уживаат во природните убавини, но и во вкусот на храната.

Овојпат ве носиме во Ловен дом во Берово, каде има сместувачки капацитети и ресторан кој плени со традиционална македонска храна, но и локални подготвени јадења кои се произведени или направени од вредните раце на малешевските домаќинки и се разбира четирите готвачи во ресторанот. Се нуди и интернационално и домашно мени со месо и скара, како и дивеч, а нема да ви недостигаат ниту традиционалното и широко познато беровско сирење, баница, како и пинџур и ајвар направени по домашен рецепт. На крај следува традиционалната бабина торта која е препознатлива за овој крај.

Ловен дом Берово нуди и несекојдневно искуство за најмалите, кои можат да ги видат малите срнички за кои се грижат вработените, а сега започнува и новата програма со јавање на коњи, бидејќи капацитетот нуди и вакво доживување по беровските планини.

„Иако постои одамна, сепак долго време Ловниот дом во Берово не работеше. Откако еден од сегашните сопственици, кој живее и работи во Скопје со уште двајца други партнери го земаа објектот под концесија, од пред година ипол во комплетно реновиран ресторан започнавме со работа и повторно ја надополнуваме беровската идила“, раскажува за Агротим менаџерот на хотелот, Антонио Арнаутовски.

Агротим: Од каде идејата да го оживеете овој, за Берово, култен објект? Дали се исплати руралниот туризам?

Ловниот дом постои одамна, тој е дел од Ловното друштво на Берово, но некое време не работеше објектот. Откако тројца сопственици го земаа комплетно го реновираа . Околу дваесеттина вработени сме, од келнери, готвачи, хигиеничарки до луѓе кои се грижат за животните. Капацитетот на ресторанот беше помал, сега е поголем. Работиме секојдневно. Еден од сопствениците е од Берово, и имал голема желба да се врати овде еден ден, па затоа со уште двајца партнери направија инвестиција овде во Берово и го реновираа. Тие виделе потенцијал и во руралниот туризам, па и тоа има дел од одлуката, вели Антонио и додава дека што се однесува до финансиите се уште е рано да се каже, но досега се задоволни од тоа како им оди руралниот бизнис.

-Иако работиме само година ипол и се работи за почетна инвестиција, можам слободно да кажам дека се исплати. Колку е потрошено досега во инвестицијата, точната бројка не се знае, се работи за поголема инвестиција и сме задоволни, вели менаџерот.

Агротим: Што нудите за вашите гости?

-Покрај вкусната храна и сместувањето, имаме и одлични понуди за прошетка низ овој крај. Сега ги донесовме коњите, на километар и половина е одалечен ранчот од ресторанот. Тие ни се најнова атракција и со нив може да се шета низ шумата. Од април годинава ги имаме и срните и елените. Тие се одлични пријатели за најмалите гости. Понатаму, покрај услугата во ресторанот и сместувањето, правиме џип тури, оф роад тури, возење со велосипед, прошетки во природа. Ние сме во Берово, но сме на периферија, блиску сме до шумата и сето тоа не прави посебни во поглед на планинарскиот туризам, вели Антонио.

Ресторанот работи веќе година ипол и може да прими 100 луѓе во ресторанот, а постои можност и гостите да преноќат во некоја од шесте соби за гости, двокреветни и трокреветни и целосно да ја доживеат оваа планиска атракција.

Агротим: Што е најинтересно за вашите гости?!

Кога ги донесовме срничките имаше многу голем интерес, лугето доаѓаа од секаде од околуната да ги видат, особено им беа интересни на најмалите. Сега истото се случи и со коњите. Сепак, она што постојано ги привлекува е нашата беровска вкусна храна.

Агротим: Што ви е потребно за да опстоите и да ја проширите вашата работа?

Кога се работи за вакви рурални подрачја секогаш е потребна поддршка и помош. Ние работиме само во лето, тогаш ни е сезоната, додека во зимскиот период сме викенд дестинација. Така што добродејни се сите можности што се нудат и во поглед на гостите што ќе доаѓаат и во поглед на кадарот што ќе работи во овде. Ние имаме потреба од уште работници, но се соочуваме со недостиг на работна сила, вели Антонио.

Агротим: Што понатаму, дали се планира проширување на бизнисот?

-Да секако. Најново ни е тоа што купивме 10 коњи и веќе започнавме со тури јавање со коњи. Организираме пикници, прошетки во природа, посети на планинарските врвови со водич, имаме тури со џипови, со велосипеди, патем велосипедите се бесплатни за нашите гости, а сега имаме и наш ранч со коњи. Во блиска иднина планираме и да се направи хотел, каде што ќе можат да бидат сместени повеќе гости и сето ова да се заокружи како една целина, раскажува Антонио.

Анета Тасова – Агротим

Поврзани теми

To top