Многу фактори може да предизвикаат отекување на нозете, а еден од главните е дехидратацијата. Кога сме дехидрирани, телото се обидува да зачува колку што е можно повеќе течност, па водата се акумулира во ткивата.
Отекувањето на телото и екстремитетите може да биде предизвикано од долго седење или стоење, особено при високите температури, што може да го зголеми притисокот врз вените на нозете или стапалата.
Потоа циркулацијата се намалува и течноста се акумулира, па доаѓа до оток. Одредени здравствени состојби, како што се срцеви заболувања и болести на бубрезите и црниот дроб, исто така можат да придонесат за отекување на стапалата.
Постојат неколку работи што можеме да ги направиме за да се ослободиме од овој многу непријатен проблем или барем да го ублажиме:
Избегнувајте ги жештините доколку е можно
Ако ви отечат стапалата, обидете се да се оладите со седење во климатизирана и затемнета просторија. Прскање со спреј за разладување може да ви помогне. На крајот од секое туширање исплакнете ги нозете со студена вода за подобра циркулација.
Внимавајте што јадете
За да ја намалите можноста да ви отечат стапалата и глуждовите јадете храна со малку натриум. Здравата и балансирана исхрана, без пржена, похована, солена и мрсна храна исто така може да биде од помош.мПотрудете се да консумирате што е можно повеќе свежо овошје и зеленчук и, секако, храна која содржи повеќе вода, како краставици, домати, лубеница.
Пијте повеќе вода
Бидејќи неретко главната причина за отечени стапала е дехидратацијата, многу е важно телото да остане хидрирано и да пиете доволно течности за организмот полесно да го исфрли вишокот сол. Во исто време, важно е да не пиете половина шише вода одеднаш, туку почесто да пиете во помали голтки – во спротивно сè ќе исфрлите многу брзо преку урината, наместо водата да стигне таму каде што е потребно.
Подигнете ги нозете
Ако сте склони кон отоци, кревајте ги стапалата колку што е можно почесто во текот на денот, по можност на мека површина како перница.
Вежбајте
Не е неопходно да се тренира долго и напорно, но вежбањето многу ќе помогне при овој проблем. На овој начин ќе ја подобрите циркулацијата, а особено е корисно да вежбате наутро, веднаш штом ќе станете.
фото: FreePik