Живот и стил Подготовка за Христовото раѓање

Денес почнува Божиќниот пост: Колку трае и кои се основните правила?

Божиќниот пост трае 40 дена и завршува на Бадник, во пресрет на Христовото раѓање. Покрај воздржувањето од одредена храна, неговата суштина е во молитвата, простувањето и правењето добри дела.

Денес почнува Божиќниот пост: Колку трае и кои се основните правила?

За православните верници кои се водат според јулијанскиот календар, на 28 ноември започна Божиќниот пост, со кој се подготвуваат за еден од најрадосните христијански празници – Божиќ, раѓањето на Исус Христос.

Божиќниот пост трае 40 дена, од 28 ноември до 6 јануари, односно до Бадник, во пресрет на Божиќ, кој Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува на 7 јануари.

Целта на постот е приближување кон Бога, не само преку воздржување од мрсна храна, туку и преку молитва, покајание, простување, добри дела и воздржување од лоши мисли.

Кои се основните правила на Божиќниот пост?

Во текот на Божиќниот пост, според традиционалните црковни правила, не се консумираат месо, млеко, млечни производи и јајца.

  • Масло и вино се дозволени во сите денови, освен во среда и петок, кога се пости на вода.
  • Риба се јаде во сабота и недела, како и на празникот Воведение на Пресвета Богородица, познат и како Пречиста, кој се празнува на 4 декември.
  • Последната недела од Божиќниот пост се пости построго, без консумирање риба, а по можност и на вода.
  • На Бадник, според строгото правило, се пости на вода, без употреба на масло и вино.

Начинот и строгоста на постењето може да се приспособат според здравствената состојба, возраста и советот на духовникот.

Бидејќи новогодишните празнувања се во периодот на Божиќниот пост, верниците кои постат треба да се придржуваат до правилата и за време на новогодишната прослава.

Вистинскиот пост не се однесува само на храната

Според православното христијанско учење, вистинскиот пост има две страни – телесна и духовна.

Телесниот пост подразбира воздржување од мрсна храна, додека духовниот пост подразбира воздржување од лоши мисли, желби и дела, како и посветување на молитвата, милосрдието и доброчинството.

Духовниот пост се состои во правење добри дела, простување, покајание и негување на љубовта кон ближните.

Телесниот пост, пак, е средство што му помага на човекот во борбата против страстите, гордоста и гревовите.

Божиќниот пост е востановен за верниците преку покајание, молитва и воздржување да се подготват со чисто срце, душа и тело за Христовото раѓање.

Еден од четирите големи православни пости

Во православната црковна традиција постојат четири повеќедневни пости во текот на годината:

  • Божиќниот пост, пред Христовото раѓање.
  • Велигденскиот или Великиот пост, пред Христовото воскресение.
  • Петровденскиот пост, пред празникот на светите апостоли Петар и Павле.
  • Богородичниот пост, пред Успението на Пресвета Богородица – Голема Богородица.

Божиќниот пост е време на духовно обновување, смирение, солидарност и љубов кон ближните, а неговата суштина е верниците со духовна радост да го дочекаат Христовото раѓање.

To top