Мегафон размена на знаења, искуства и идеи

Перформанси, дискусии и работилници во МКЦ во рамки на есенското издание на ППФ 2026

Перформанси, дискусии и работилници во МКЦ во рамки на есенското издание на ППФ 2026

„Што наследуваме, што одново замислуваме“ е програмата која е составена од перформанси, курирани дискусии, работилници и дружења, што ќе се одржи денеска и утре во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на есенското издание на Перформанс Платформа Фестивал (ППФ) 2026.

Настанот е во организација на „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, а влезот е слободен за посетителите.

Како што информираат организаторите, програмата е резултат на работата на учесниците во меѓународната школа „Курирање во контекст“, кои преку повеќемесечен процес развивале уметнички дела и кураторски концепти посветени на прашањата за наследството, заедничките практики и создавањето нови културни простори.

Во рамки на програмата денеска ќе бидат изведени повеќе перформанси и јавни активности, меѓу кои „Она што некогаш беше“ на Ангела Георгиевска, тркалезна маса со Крсто Глигорјадис, Антонија Димитриевска, Михаил Паскоски и Марлене С. Кирш, перформансот „Упатство за употреба“ на Мартина Даниловска, како и „Моето тело се сеќава на нешто“ на Теодора Ежовска.

Програмата ќе се реализира на повеќе локации во МКЦ, а според организаторите, целта е преку различни уметнички форми и јавни разговори да се поттикне размена на знаења, искуства и идеи меѓу уметниците, кураторите и публиката.

фото: плакат

To top