Мегафон зад џеј зи и тејлор свифт

Пол Макартни стана милијардер и трет најбогат музичар во светот

Пол Макартни стана милијардер и трет најбогат музичар во светот

Поранешниот член на „Битлс“, британскиот поп-рок-музичар Пол Макартни стана милијардер, со што се позиционираше како трет најбогат музичар во светот.

Откако се прослави со групата од Ливерпул, Макартни изгради исклучително успешна соло-кариера по распадот на бендот во 1970 година. Денес, на 84-годишна возраст и во одлична форма, тој е еден од музичките уметници со најголема продажба на сите времиња, а е и добитник на „Оскар“, „Еми“ и 19 награди „Греми“. Магазинот „Форбс“ сега го прогласи и за милијардер, проценувајќи го неговото нето богатство на приближно 1,4 милијарди долари (1,25 милиони евра). Така, тој сега е третиот најбогат музичар во светот, зад Џеј-Зи (со 2,8 милијарди долари) и Тејлор Свифт (2 милијарди долари).

Според наводите, богатството на Макартни доаѓа од неговиот музички каталог, стратешки правни потези, концертни турнеи и уметничката колекција.

Угледното списание, исто така, наведува дека најголемиот дел од богатството на Макартни потекнува од „МПЛ комјуникејшнс“ (MPL Communications) – неговата издавачка куќа основана во 1969 година, којашто управува со неговиот музички каталог, како и со авторските права и илјадници песни на други уметници. Макартни има откупено каталози на разни други музичари, меѓу кои и на Бади Холи, како и партитури за бродвејски мјузикли и божиќни класици, како што се „It’s Beginning to Look a Lot Like Christmas“ и „The Christmas Song (Chestnuts Roasting on an Open Fire)“. „Форбс“ проценува дека само овие средства вредат речиси четвртина милијарда долари.

Како еден од четворицата „Битлси“ – заедно со Ринго Стар и покојните Џон Ленон и Џорџ Харисон, Макартни добива 25 отсто од заработката на холдинг-компанијата на бендот, „Епл корпс“ (Apple Corps). Оваа компанија остварува годишен приход од 50 милиони долари преку стримување, продажба на винилни плочи и брендирани производи.

Дополнително, Макартни заработува 10 милиони долари годишно од својот удел во авторските права на песните на „Битлси“ – имот што се проценува на најмалку 200 милиони долари. Неговата вкупна заработка дополнително се зголемува преку светските турнеи, вклучувајќи ја и неговата најнова, „Got Back (Се вратив)“, со 79 настапи меѓу 2022. и 2025 година.

Значаен дел од неговиот имот се и бројните недвижнини низ Обединетото Кралство и во Хемптонс, Њујорк, САД, како и уметничка колекција којашто, меѓу другото, вклучува и дела од Пикасо и Магрит.

Основан 1960 година, „Битлс“ стана музички состав со најголема продажба на сите времиња и еден од највлијателните бендови во светот. Зад себе оставија 16 албуми и 18 синглови коишто се искачија на првото место на британските топ-листи, меѓу кои се „Help!“, „Hey Jude“ и „She Loves You“. По распадот на бендот во 1970, Сер Пол Макартни го издаде својот прв соло-албум, „McCartney“, и го формираше бендот „Вингс“ заедно со неговата покојна сопруга Линда и поранешниот гитарист на „Муди блуз“, Дени Лејн. Во мај оваа година, тој го објави својот најнов албум, „The Boys of Dungeon Lane“, којшто веднаш по излегувањето го зазеде првото место на официјалната британска топ-листа за албуми.

Оваа година, тој исто така се појави како музички гостин во емисијата „Сабота навечер во живо“ (Saturday Night Live), а во јули ја изведе песната на „Битлси“, „I Want To Hold Your Hand“, како и други, на свадбата на Тејлор Свифт и Тревис Келси во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк.

фото:Instagram printscreen/paulmccartney

To top