Живот и стил

Магнетите од патувањата не се само спомен: Психолозите откриваат 4 причини зошто ги чуваме дури и кога ќе се оштетат

Магнетите од патувањата не се само спомен: Психолозите откриваат 4 причини зошто ги чуваме дури и кога ќе се оштетат

Психолозите велат дека колекцијата магнети може да покаже како го доживуваме сопствениот живот и кои моменти ги сметаме за важни.

Истражување од 2024 година покажува дека магнетите ги зачувуваат спомените, поттикнуваат секојдневни ритуали и предизвикуваат емоции како радост или носталгија.

Дали сте меѓу оние кои речиси од секое патување се враќаат со магнет за фрижидер, дури и кога куферот веќе е преполн? На прв поглед, оваа навика делува сосема безопасно, а на некои можеби и малку старомодно. Сепак, психологијата укажува дека ваквите мали предмети можат да имаат многу поголема улога од обичното чување спомени. Тие учествуваат во начинот на кој се сеќаваме на минатото и ја раскажуваме сопствената животна приказна.

Магнетот на фрижидерот го претвора споменот во дел од секојдневието

Кога магнетот од патувањето ќе го ставиме на вратата од фрижидерот, споменот повеќе не е скриен во албум или во телефонот. Тој станува предмет кој секојдневно го гледаме, заедно со детските цртежи, фотографиите или списокот за купување.

Психолозите го користат изразот автобиографско паметење за сеќавањата на настаните кои ја сочинуваат нашата лична животна приказна. Магнет од Рим, Париз или од некое мало приморско место може да стане мал визуелен потсетник на таквото сеќавање. Доволен е еден поглед за во мислите повторно да се појават одредена глетка, мирис, личност или настан.

Во таа смисла, магнетот не е само украс во кујната. Тој станува потсетник на конкретен момент од нашето минато.

Ова е особено интересно ако се спореди со фотографиите што ги чуваме на телефонот. Во галеријата често имаме стотици или илјадници фотографии кои ретко повторно ги разгледуваме. Магнетот, за разлика од нив, е внимателно избран предмет. Од сите можни сувенири токму тој добил трајно место на фрижидерот.

На тој начин магнетот станува еден вид филтер на сеќавањата: ова патување, овој град, овој момент или оваа личност биле доволно важни за да сакаме секојдневно да ги имаме пред очи.

Магнетите откриваат како го доживуваме сопствениот живот

Постои и друга интересна димензија. Во психологијата постои концептот проширено себство, според кој одредени предмети што ги поседуваме можат да станат дел од начинот на кој се доживуваме себеси.

Колекцијата магнети убаво го покажува тоа. На еден фрижидер можат да се најдат Њујорк, Атина, Рим, некое мало семејно место, музеј што сме го посетиле или фестивал на кој сме присуствувале. Кога ќе ги погледнеме заедно, тие почнуваат да раскажуваат приказна за личноста која ги собирала.

Некој избира само неколку внимателно одбрани магнети и ги распоредува уредно. Друг, со текот на времето, ќе ја покрие речиси целата површина на фрижидерот. Разликата не е само естетска. Начинот на кој ги чуваме предметите може да биде дел од начинот на кој се претставуваме себеси и своето минато.

Фрижидерот така може да стане мала лична мапа на животот: првото патување со партнерот, медениот месец, одморот со децата, деловниот престој во странство или спонтаниот викенд со пријателите. Секој магнет претставува еден настан, а сите заедно создаваат еден вид визуелен дневник.

Што покажало истражувањето за колекционерите на магнети?

Студија објавена во 2024 година во научното списание „Annals of Tourism Research“, која ја спровел истражувачот Џон Бајром од Универзитетот во Ливерпул, се занимавала токму со колекциите магнети за фрижидер.

Во истражувањето учествувале 19 луѓе од Велика Британија, а истражувачите ги интересирало што всушност доживуваат луѓето кога ги чуваат и ги гледаат своите магнети од патувањата.

Резултатите покажале дека за некои луѓе магнетите за фрижидер не се само безвредни сувенири. Тие можат да помогнат одредено искуство од патувањето повторно да се повика во сеќавањето, понекогаш и посилно од некои други туристички предмети.

Учесниците во истражувањето ги опишувале магнетите како своевидни патокази до сеќавањата. Малиот предмет на вратата од фрижидерот можел да ги врати на одреден момент, личност или емоција поврзана со патувањето.

Зошто ги чуваме магнетите со години?

Истражувачите издвоиле најмалку 4 функции на овие мали предмети и причини зошто долго ги чуваме:

-Првата е зачувување на важно сеќавање преку купување конкретен сувенир.
-Втората е одржување на сеќавањето преку секојдневни мали ритуали – гледање, преместување или коментирање на магнетите.
-Третата е емоционалната реакција што тие можат да ја предизвикаат. Погледот кон одреден магнет може некому да му донесе радост, да предизвика тага или да разбуди носталгија.
-Четвртата е личната вредност што ја имаат. Затоа многу луѓе тешко се одлучуваат да фрлат дури и оштетен магнет.

Магнетот од првото патување со децата, од одмор на кој семејството било заедно или од некој посебен настан може да има вредност која нема никаква врска со неговата цена. Неговото отстранување може да создаде чувство дека отстрануваме и мал дел од приказната што ја претставувал.

фото:magnific

To top