Елтон Џон денес го живее животот за кој некогаш можел само да сонува, но славниот музичар не крие дека патот до оваа точка бил многу тежок.
Во ексклузивен разговор за „HELLO!“, Елтон Џон зборувал за својата долгогодишна трезвеност, семејството, музиката и помирниот живот далеку од големите светски турнеи.
Музичката легенда, која во текот на кариерата продала повеќе од 300 милиони албуми и освоила награди „Еми“, „Греми“, „Оскар“ и „Тони“, вели дека една одлука во неговиот живот ја смета за особено важна.
Елтон престанал да пие во 1990 година, а денес зад себе има 36 години трезвеност.
– Трезен сум 36 години и животот никогаш не ми бил подобар. За малку ќе изгубев сè поради зависностите, а одлуката да станам трезен е една од моите најголеми животни победи – рекол 79-годишниот музичар.
View this post on Instagram
Како што вели, свесен е колку имал среќа и денес особено го цени животот што го изградил.
– Имав огромна среќа да го живеам овој живот, а тој станува сè подобар – порачал.
Неговиот живот без алкохол го инспирирал и на деловен план. Оваа година го претставил безалкохолното пенливо вино „Elton John Zero Blanc de Blancs“, кое го создал заедно со сопругот Дејвид Ферниш.
Елтон вели дека особено ужива во тоа што новиот пијалак може да им го послужи на пријателите кога организира вечера.
– Беше вистинско задоволство да ги гледам нивните реакции откако вложивме толку многу труд сè да биде како што треба – рекол тој.
За него ова не бил само уште еден производ што ќе го носи неговото име. Како што објаснува, многу е пребирлив кога станува збор за деловните понуди што ги добива.
– Дејвид и јас не пиеме алкохол, а и двајцата обожаваме да угостуваме луѓе. Сакавме нешто што би било соодветно за моментите кога имаме причина за славење – рекол Елтон.
Најважното прашање во текот на развојот на пијалакот било едноставно: дали навистина би го послужиле во својот дом?
Одговорот, како што вели, бил едногласен – да.
Иако во 2023 година се повлече од големите светски турнеи, Елтон не се откажа целосно од настапите. Сè уште прифаќа поединечни концерти, а еден од овогодишните моменти што особено ќе го памети е настапот на фестивалот „Rock in Rio“ во септември.
– Беше тоа голем момент. Беше нереално искуство, еден од најголемите настапи што некогаш сум ги имал – рекол.
За човек кој повеќе од половина век живеел под рефлекторите, Елтон денес не го гледа најголемиот луксуз во уште една голема сцена, туку во мирен оброк на сопствената трпеза, опкружен со луѓето што ги сака.
И токму во тоа можеби лежи најголемата промена во неговиот живот. По децении поминати во вителот на славата, музиката и зависностите, сега вели дека најдобро му е кога е дома.




