Младата пејачка Јана Мрческа го продолжува музичкото патување со својот најнов проект „Три такта љубов“. По првата песна „Мириса на лето“, сега пред публиката пристигнува второто издание од ЕП-то – „Цунами“, кое е проследено и со официјален видеоспот.
„Цунами“ е втората од вкупно трите песни што Јана ги подготвува во рамките на „Три такта љубов“. Наместо сите композиции да ги објави одеднаш, младата пејачка одлучи приказната да ја гради постепено, откривајќи по една нова музичка страна пред слушателите.

Првата песна од ЕП-то, „Мириса на лето“, беше објавена во август и донесе разиграна, ведра и типично летна енергија. Со „Цунами“, пак, Јана отвора ново поглавје и презентира поинаква музичка атмосфера.
Зад новата песна стои Андреј Николов, кој ги потпишува музиката и текстот, но и аранжманот, миксот и мастерингот, односно комплетната музичка реализација на „Цунами“.
Песната доби и визуелна приказна, реализирана од PNT Videos. Тие се потписници на режијата, снимањето и монтажата на официјалниот видеоспот.

Со секое ново издание, Јана чекор по чекор го гради својот препознатлив музички израз. Токму тоа е и идејата зад „Три такта љубов“ – три различни песни и три музички приказни кои постепено се откриваат, а на крајот се спојуваат во една целина.
Јана Мрческа за првпат го привлече вниманието на македонската музичка јавност во 2024 година, кога како 17-годишна прилепчанка настапи на „Макфест“ со песната „Убава и Храбар“. Потоа следуваше „Иста приказна“, издание со кое таа го направи и својот прв чекор како текстописец.

Оттогаш, Јана продолжува да го надградува својот вокален и авторски потенцијал, а песните од „Три такта љубов“ се уште еден чекор напред во нејзиниот музички развој.
„Цунами“ и официјалниот видеоспот веќе се достапни на YouTube каналот на Јана Мрческа.

Во продолжение, слушнете ја новата песна и погледнете го официјалниот видеоспот на Јана Мрческа – „Цунами“.






