Лице в лице

Сузана Манчиќ со моќна порака пред „Охрид Фест“: „Популарноста е расиплива стока, денес си ѕвезда, утре те нема никаде“!

 Сузана Манчиќ искрено зборува за својата кариера, животните предизвици, семејството, љубовта кон публиката, како и за очекувањата од нејзиниот настап на годинашното издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“.

Сузана Манчиќ со моќна порака пред „Охрид Фест“: „Популарноста е расиплива стока, денес си ѕвезда, утре те нема никаде“!

Една од најпрепознатливите дами на балканската естрада, Сузана Манчиќ, годинава ќе биде дел од 33. издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“, каде што ќе настапи на втората, Интернационална фестивалска вечер, носејќи ја својата препознатлива енергија и харизма на сцената во Охрид.

Нејзиното гостување на фестивалот ќе има и посебна симболика. Токму на сцената на „Охрид Фест“, Сузана Манчиќ ќе одбележи импресивни 50 години од својата богата и успешна кариера – пет децении исполнети со музика, телевизија, актерство и незаборавни моменти поради кои со години важи за една од најпознатите и најомилените јавни личности на просторите на поранешна Југославија.

Но, ова лето за Сузана е посебно и поради уште една причина. Само пред неколку дена, таа за првпат стана баба, а како што и самата признава, ова е најубавата животна улога што досега ја добила. Радоста и емоциите поради доаѓањето на новиот член во семејството не ги крие, а среќата која ја чувствува, како што вели, не може да се спореди со ништо.

По повод нејзиното доаѓање во Македонија и настапот на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, имавме можност да разговараме со неа за фестивалот, најубавите моменти од нејзиниот живот, но и за новото животно поглавје – улогата на баба која целосно ја исполнила со љубов и среќа.

По многу години успешна кариера, годинава доаѓате на сцената на „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Што за Вас претставува настапот на фестивал кој повеќе од три децении ги обединува музичарите од целиот регион?

Сузана Манчиќ: Безброј пати сум гостувала во Македонија, било на концерти, турнеи или на телевизија, но за првпат доаѓам на „Охрид Фест“ и навистина сум многу среќна поради тоа. Ќе ја изведам дуетската песна со Ѓоле Боем, дело на композиторот Григор Копров. Песната веќе ја снимивме во студио, а мојот колега Ѓоле постојано ме потсетува и ме прашува: „Дали ја вежбаш песната?“. Не знае тој со кого си има работа – кога еднаш ќе научам нешто, тоа останува научено!

Охрид важи за еден од најубавите градови на Балканот. Дали ова Ви е прво доаѓање во Охрид и што најмногу би сакале да видите или доживеете за време на Вашиот престој тука?

Сузана Манчиќ: Во Охрид сум била безброј пати – уште од училишните екскурзии, па сè до настапите и концертите. Легендарниот менаџер Џаровски често знаеше на шега да ми каже: „Ќе те фрлам во езеро!“. Една година дури и летував во Охрид со моите ќеркички, кога беа уште мали. И ден-денес се сеќаваат на зборовите „благодарам“ и „како се викаш?“, кои тогаш ги научија и со насмевка ги изговараат.

Публиката Ве памети како една од најголемите телевизиски и музички ѕвезди на поранешна Југославија. Кога ќе се навратите на тој период, кое е првото сеќавање што и денес Ви буди најубави емоции?

Сузана Манчиќ: Имам навистина многу спомени, а тие траат цел живот. Токму затоа напишав две автобиографски книги – за да не се заборави еден возбудлив и богат живот. Во нив се собрани најинтересните приказни од мојот живот и мојата кариера. За жал, книгите сѐ уште не се преведени на македонски јазик.

На сцената отсекогаш сте пленеле со харизма, шарм и позитивна енергија. Што публиката на „Охрид Фест“ може да очекува од Вашиот настап оваа година? Дали подготвувате некое изненадување?

Сузана Манчиќ: Добрата песна е – добра песна! Единственото изненадување може да биде само тоа што ќе го облечам. Очекувам средби со нови и стари колеги, мало возење по езерото и еден блескав охридски бисер.

Музичката сцена денес изгледа многу поинаку отколку кога ги остваривте Вашите први големи успеси. Што е, според Вас, најважно еден млад изведувач да поседува за да изгради долга и успешна кариера?

Сузана Манчиќ: Упорност. И само упорност! Ако сте ги допреле ѕвездите, не дозволувајте тоа да ве залаже. Популарноста е расиплива стока – денес сте ѕвезда, сите ве бараат, а утре ве нема никаде. Затоа, памет во глава, внимателен избор на песни и соработници, точност и професионалност. И постојана работа на себе. Малку ли е тоа за успех?

Пред само неколку дена за првпат станавте баба. Кој беше првиот момент кога сфативте дека Вашиот живот засекогаш се промени? Дали имаше солзи, трема или само неизмерна среќа?

Сузана Манчиќ: Да се добие внуче од ќерка е навистина нешто посебно. Ние сме многу блиски и ги следев сите нејзини подготовки за породувањето. Имав ужасна трема, многу поголема отколку кога јас ја носев на свет. Токму поради тоа, утрото тој ден само ми јавија дека сè поминало добро, дека и бебето и мајката се во добра состојба. Тоа беше едно необично чувство на среќа и гордост. Мојата Теодора стана мајка. Особено бев воодушевена од фактот што Наталија, мојата помлада ќерка, присуствуваше на породувањето и цело време ја бодреше својата сестра. Сето тоа се случуваше во текот на ноќта. Не сакаа да ме разбудат за да не внесувам паника. Сè уште не сум целосно свесна за промените што допрва следуваат. Кај мене тие доаѓаат како некоја втора, одложена реакција.

Што би сакале Вашиот внук еден ден да знае за својата баба Сузана Манчиќ? Која е најважната животна лекција, вредност или порака што сакате да му ја пренесете уште од неговите први денови?

Сузана Манчиќ: Ќе знае тој што другите ќе му го раскажуваат, пред сè неговите родители, а ќе го знае и она на што самиот ќе се сеќава од своето рано детство. Секако, ќе знае дека неговата баба била убава, весела и успешна жена, која некогаш одамна оставила свој белег.

И за самиот крај, каква порака би ѝ упатиле на публиката во Македонија и на сите љубители на „Охрид Фест“ кои со големо нетрпение го очекуваат Вашето доаѓање и настап?

Сузана Манчиќ: Се надевам дека македонската публика не ме заборавила, а ако ме заборавила, ќе имаме можност повторно да се запознаеме. Голем поздрав до сите! Со нетрпение чекам да се видиме и заедно да запееме!

Фото:  Приватна архива

To top