Новосоздадените песни кои содржат стихови со патариотска и родољубива содржина обично се раѓаат или во тешки времиња кога земјата е исправена пред големи искушенија и предизвици или кога се слават и чествуваат најзначајните датуми на татковината.
Токму во предвечерието, во пресрет на најголемиот македонски празник, 2-ри Август – Илинден, членовите на дуото „Коктел“ на YouTube ја промовираат својата нова песна насловена „Земјо моја“.

Тема која претендира да стане и остане една од оние вечни патриотски химни која ја слави љубовта кон татковината, а во себе содржи коктел од од национални чувства и наплив на патриотски емоции за неизмерна љубов кон Македонија.

Музички се работи за рок тема со етно призвук, во кој доминираат рифот и гитарските делници на Стевче Грозданов испреплетени и исфилувани со сајзерските стрингови и препознатливиот македонски ритам. Кога на тоа ќе му се придодадат суптилно интегрираните фолклорни мотиви и емотивната вокална изведба на Блаже Темелков огледана во силните стихови, „Земјо моја“ буди силен патриотски набој уште на прво слушање. Песна која несомнено ќе се врти по медиумите и пее со повод на разни пригоди и национални прослави и чествувања, како што е претстојниот празник Илинден, но и Денот на државноста 8-ми септември и прославата на 35 годишнината од независноста на Македонија.
„Земјо моја Македонијо, гордо плови твоето сонце пак на небото, земјо моја Македонијо, само тоа добро знае, колку долго траеш…“ – се пее во рефренот на „Земјо моја“, песна која е создадена да трае… и остане!






