Мегафон поетска манифестација

Завршија првите „Денови на поезијата“

Завршија првите „Денови на поезијата“

Со поетско читање на дванаесетмина од најмладите поетски таленти во земјава, финалисти на поетскиот конкурс „Скопје си ти“, во организација на „Култура бета“ и „ПНВ Публикации“, синоќа завршија „Деновите на поезијата“ во „Скопје Сити Мол“. Организаторите и учесниците се разделија од публиката со зборовите „довидување догодина во исто време“!

Како што информираат од Фондацијата „Ацо Шопов“, во своето завршно обраќање, Владимир Мартновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, потсети на богатата програма во која покрај класиците на македонската поезија за кои годинава одбележуваме значајни јубилеи – Рацин, Шопов, Тодоровски, Матевски и Андреевски и Урошевиќ, на публиката ѝ биле претставени поети од сите генерации, вклучувајќи и дебитанти од шеснаесет до дваесетипетгодишна возраст.

Активното учеството на студентите од нашиот факултет во прогамата, уште од самото отворање на 21 март, Светскиот ден на поезијата, ѝ даде на оваа манифестација меѓународен карактер, благодарение на нивните препеви на Шопов на голем број јазици. Другите настани, како „Лицето на зборовите“, двојазично, македонско-албанско, поетско читање во кое на студентите им се придружи познатиот актер Благој Чоревски (22 март); литературното читање на младите автори застапени во поетската антологија „Ново раѓање на зборот“, според истоимената песна на Шопов (23 март); Државниот рецитаторски натпревар на ученици од основното и средното образование од целата земја, во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, кој со учество на над 120 учесници годинава постигна историски рекорд (23 март); „диптисите“ во кои се воспостави дијалог меѓу поети од две различни генерации (23 и 24 март), како и денешниот настап на финалистите од конкурсот за урбана поезија „Скопје си ти“, кои ги пречека и поздрави Влада Урошевиќ… сиве овие настани покажаа дека лирскиот збор, преку ликот на Шопов, е вистински сврзник помеѓу минатото и иднината, потенцира Мартиновски.

Јасмина Шопова, потпретседателка на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, и ќерка на поетот, потсети дека иницијалната идеја на Фондацијата била да се одбележат осумдесет години од објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов, кој тогаш бил на возраст на која се денес финалистите од конкурсот „Скопје си ти“.

Воедно тимот на „Скопје Сити Мол“, предводен од Ебру Радевска, покажа дека има особено развиен слух за улогата што тој треба да ја игра во денешното општество и за потребата од нега на културното наследство. Заедно со Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кому му ги должиме и идејата за програмата и координацијата на нејзината изведба, тие, една релативно скромна идеја, заедно ја претворија во вистински празник на поезијата, нагласи потпретседателката на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ , Шопова.

Манифестацијата беше затворена како и што беше отворена – со стихови од Ацо Шопов, во интерпретација на Никола Ристановски.

Од Фондацијата „Ацо Шопов-Поезија“ истакнуваат дека ова беше прв настан од ваков вид во регионот и пошироко, но не и последен.

To top