Вежбањето во текот на постара возраст го намалува ризикот од прерана смрт за 30 до 40 отсто, а секоја физичка активност е подобра од никаква, покажа една студија.
Иако долгорочните добри навики носат најголеми придобивки, преминувањето кон поактивен начин на живот во која и да е фаза во поголема возраст го продолжува животот, што укажува дека никогаш не е предоцна за здравјето, велат научниците.
Општо земено, физички активните луѓе имаат помала веројатност да починат од низа состојби, вклучувајќи срцеви заболувања, мозочен удар и рак.
За нивната студија, објавена онлајн во British Journal of Sports Medicine, експертите прегледале 85 постоечки студии на милиони луѓе.
Откриле дека луѓето кои биле постојано физички активни имале околу 30-40 отсто помал ризик од смрт од која и да е причина, додека оние кои го зголемиле нивото на вежбање, но под препорачаните количества, имале 20-25 отсто помал ризик.
Имено, луѓето кои преминале од физичка неактивност на активност имале 22 отсто помала веројатност да починат од која и да е причина во споредба со оние кои останале неактивни.
Тимот, во кој биле вклучени експерти од Универзитетот во Квинсленд во Австралија, напишал: „Неколку механизми можат да го објаснат намалениот ризик од смртност поврзан со високи нивоа на физичка активност, како што се подобрена физичка функција и антиинфламаторни ефекти“.
Велат дека нивните резултати „ја истакнуваат важноста на физичката активност во зрелоста, сугерирајќи дека започнувањето физичка активност во која и да е фаза во подоцнежната возраст може да обезбеди придобивки за преживување“.
Во моментов, Светската здравствена организација (СЗО) препорачува возрасните да се вклучуваат во 150 до 300 минути физичка активност со умерен интензитет седмично, или 75 до 150 минути активност со силен интензитет седмично, или комбинација од двете.
Примери за умерена активност вклучуваат брзо одење, енергично чистење како што е миење прозорци или бришење подови, возење велосипед со брзина од 16 до 20 км/ч или бадминтон.
Енергичната активност вклучува пешачење, трчање со брзина од 10 км/ч или побрзо, брзо возење велосипед, играње фудбал, кошарка или тенис.
извор:нетпрес
фото:Freepik







