Вевчани, познато по својата богата духовна и уметничка традиција, деновиве се најде во центарот на вниманието во Њујорк. Со свечено отворање започна изложбата „Traveling in Colour: The Balkan Spirit in New York“, која претставува избор на дела од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Изложбата се одржува во Gallery MC, каде пред бројна публика беа претставени дела инспирирани од православната иконографија и балканското културно наследство.

Уметничките творби ја спојуваат духовноста со современиот израз, претставувајќи ја Вевчанската колонија како „архив во движење“, во кој традицијата постојано се преосмислува.
Настанот привлече внимание како редок пример на автентична македонска културна приказна што директно комуницира со глобалната публика.

Свеченото отворање се одржа на 20 март, а изложбата ќе биде отворена за посетители до 25 март.
Организаторите оценуваат дека станува збор за значаен чекор во интернационализацијата на македонската уметност, испраќајќи силна порака дека македонската духовност има свое место на светската сцена.
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам, како дел од културната дипломатија на државата.







