Мегафон

Театар Комедија ќе го прослави Светскиот ден на театарот со премиера: „Пар распар“ во режија на Нина Николиќ

Театар Комедија ќе го прослави Светскиот ден на театарот со премиера:  „Пар распар“ во режија на Нина Николиќ

Театар Комедија ќе го прослави Светскиот ден на театарот со првата премиера за оваа година. На 27 март (среда), со почеток во 20 часот, на големата сцена на Театар Комедија ќе биде премиерно изведена претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и во превод на македонски јазик на Маја Трајаноска Ивановска.

Во претставата играат: Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Григор Јовановски, Тони Денковски, Сергеј Димовски, Виктор Арсов, Жаклина Петровска и Маја Љутков. Костимографка на преставата е Ивана Каранфиловска Угуровска, сценографка Вишња Вујовиќ, композитор Оливер Јосифовски, соработник за сценски движења Димитриос Сотириу, дизајн на светло Крис Јегер, светло мајстор Слободан Илиоски.

Драмскиот текст „Пар распар“ на Нил Сајмон првпат е поставен на сцената на театарот „Бродвеј“ во 1965 година. Оттогаш е адаптиран во различни форми што вклучуваат еден успешен филм, телевизиска серија и голем број сценски поставки низ целиот свет, што го прави едно од најпознатите и најтрајни дела на Нил Сајмон.

Драматургот Тамара Барачков, за „Пар распар“ на Сајмон вели: „Базирани на спротивностите (редот против хаосот, законот против анархијата) и карактерните разлики, ликовите Оскар и Феликс се моќно дуо, архетипски пар кој ќе инспирира безброј серии и филмови на поджанрот buddy comedy (другарска комедија). Причината за ваквиот успех кај публиката ја пронаоѓаме во вештиот и остроумен хумор на Сајмон, како и неверојатната леснотија со која создава
впечатливи ликови“.

Оскар Медисон (Атанас Атанасовски) и Феликс Унгар (Валентин Костадиновски) се најдобри другари и имаат заедничко машко друштво со кое редовно се собираат на партии покер. Оскар е тазе разведен, а бракот на Феликс е пред распаѓање, но двајцата различно се справуваат со својот нов статус. Додека првиот води опуштен, неуреден и ергенски живот, вториот е претставен како чувствителен, хипохондричен, невротичен и претерано уреден човек. Кога сопругата на Феликс ќе го избрка од нивниот дом, Оскар го кани да живеат заедно во неговиот стан. Ваквиот спој на двете крајности, води до конфликт што се реализира низ мноштво комични ситуации.

„Пар распар“ користи хумор и духовитост за да ги истражи универзалните теми на пријателството, компатибилноста и личниот развој, и токму тоа го прави овој драмски текст безвременска и омилена класика во светот на комедијата.

Претпремиерата на претставата „Пар распар“ е закажана за 26 март (вторник), а првата реприза е на 29 март (петок) со почеток во 20 часот. За повеќе информации посетете ја веб страницата на Театар Комедија www.teatarkomedija.mк

To top