Танец вечерва (3-ти јули 2024, на Долни Сарај – Охрид, 20:30 часот) свечено ќе го отвори 63. Балкански фестивал на народни песни и игри, а два дена потоа (5-ти јули 2024, 19:00 часот на Летната сцена на НУ Завод и музеј – Прилеп) ќе има целовечерен концерт со изворен вокално-инструментален репертоар, по повод свеченото отворање на јубилејниот 50. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” – Долнени.
Секако, и овогодинешната културно-сценската манифестација „Галичка свадба” нема да да помине без „Танец” каде ансамблот на 13-ти и 14-ти јули ексклузивно ќе ги изведе ората „Тешкото”, „Невестинско” и „Манукот”, а на 2 август, како и досега, „Танец” и оваа полусезона ќе ја заврши со традиционалните концертни настапи во Крушево и Пелинце, по повод големиот македонски празник Илинден.
Јубилејната концертна сезона на Танец продолжува веќе во септември, со балканската турнеја на проектот „Фолклорно-класична симбиоза„ (грандиозниот заеднички концерт на Танец со оркестарот и хорот на Македонската опера и балет), после која ќе следува ноемврискиот гала концерт по повод централно одбележување на 75-годишнината на НУ „Танец” и секако, традиционалниот новогодишен концерт кон крајот на декември. Во меѓувреме „Танец” нема да ги запостави и настапите низ татковината и ќе одржи уште неколку концерти во Велес, Струмица и Свети Николе.
Фото: Фејсбук/TANEC – National Ensemble for Macedonian Dances and Songs