Мегафон

„Симфониски хоризонти“ со Сихана Бадивуку и Паскал Краповски

„Симфониски хоризонти“ со Сихана Бадивуку и Паскал Краповски

Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Симфониски хоризонти“ на кој како солисти ќе настапат виолинистката Сихана Бадивуку и виолончелистот Паскал Краповски.

Диригент е Десар Сулејмани (Германија), а на програмата се увертира од операта „Поетот и Селанецот“ од Ф. Фон Супе, Концертот за виолина и виолончело ,,Музата и поетот” од К.Сен-Санс, „Тешкото“ од Г.Смокварски и Симфонијата број 9 од А. Дворжак.

 

Десар Сулејмани е германски пијанист и диригент, роден во Албанија, чија уметничка дејност се развива на пресекот меѓу музичката интерпретација, едукацијата и културната размена. Формалното образование го стекнува на Универзитетот за уметности „Фолкванг“ во Есен и на Високата школа „Роберт Шуман“ во Дизелдорф, каде што студира пијано, камерна музика и оркестарско диригирање. Од почетокот на своите студии во 1998 година, Сулејмани гради богата и разновидна уметничка кариера. Настапува на националната и меѓународната сцена како концертен пијанист, пијано соработник и камерен музичар во различни ансамблови, а подеднакво е активен и како оперски репетитор, како и како хорски и оркестарски диригент. Неговиот уметнички профил се одликува со стилска отвореност, префинета и прецизна звучна визија и длабоко разбирање на музичките структури и односи. Покрај концертната активност, Сулејмани е високо ценет педагог. Неговата педагошка работа опфаќа пијано и камерна музика, како и работа со хорови и оркестри. Воедно, тој компонира и аранжира за различни ансамбли, придонесувајќи кон проширување на репертоарот и современиот развој на класичните музички форми. Како уметнички раководител и диригент, стои зад бројни значајни институции и проекти, меѓу кои Германската Рајнска филхармонија, концертните серии „Про Класик“ во Кенигсвинтер и „Класика во уметнички простор“ во Бад Хонеф, Европската летна музичка академија во Косово, Младинскиот оркестар на Западен Балкан, Источнобаварскиот младински симфониски оркестар, како и „Денови на симфониски оркестар“ во Вупертал. Во овие улоги, тој доследно ја спојува уметничката извонредност со посветеноста кон поддршка на младите таленти и поттикнување на меѓународната соработка. Во периодот од 2020 до 2025 година, Сулејмани ја извршува функцијата раководител на Одделот за клавијатурни инструменти при Музичкото училиште „Фолкванг“ во Есен. Истовремено, од 2022 до 2024 година, е ангажиран како наставник по оперска репетиција на Универзитетот за уметности „Фолкванг“. Од октомври 2025 година, ја извршува функцијата раководител на Одделот за музичка едукација (0–6) на Градот Оберхаузен, каде што раководи со Градското музичко училиште и Меѓународната симфониска концертна серија. Како гостин-диригент и пијанист, Сулејмани настапува низ Германија и земјите од Западен Балкан, како и на меѓународната сцена во Кина, Белгија, Франција, Јапонија, Италија, Шпанија, Чешка и Узбекистан. Неговото творештво претставува израз на сеопфатна музичка филозофија што ги обединува уметничката извонредност, педагошката одговорност и интеркултурниот дијалог.

Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. По средното музичко училиште во Приштина, образованието го стекнува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, а потоа и во Москва каде што дипломирала со проф. Евгенија Чугајева, и завршила постдипломски студии по виолина. Потоа добива стипендија и заминува на “Hochshule furMusic” во Детмолд, Германија, во класата на проф. Јанг Учк Ким. Сихана Бадивуку кариерата ја продолжува на меѓународните концертни подиуми, а паралелна преокупација се нејзините мастер класи кај видни уметници и педагози, како и учествата на престижни меѓународни натпревари во земјава и во светот. Во 1994 година посетува курс во Сиена (Италија) на „Academia Chigiana“ со проф. Уто Уги, а има учествувано на меѓународни натпревари за виолина (J.S.Bachво Лајпциг и R. Lipizer во Гориција, (диплома како полу-финалист), Ј. Szigetiво Будимпешта итн. Има учествувано на неколку меѓународни фестивали во земјава, во Албанија, Италија, Бугарија, Словенија… Солистичките и камерните настапи за Бадивуку се силна мотивација, а позитивните критики од стручната јавност и од публиката ја ставаат на висока позиција во музичкиот свет. Има одржано концерти во Косово, Македонија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Русија, Финска, Ирска, Шпанија, Словенија, Белгија и САД. Нејзиното огромно искуство годиниве наназад го пренесува на нејзините ученици кои го продолжуваат нејзиниот успешен уметнички пат. Од 1992 година е професор на Факултетот за уметности во Приштина, од 2000-та концерт-мајстор на Косовската филхармонија, виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“ и има настапувано со истакнати уметници во камерни ансамбли, меѓу нив и Павел Верников, Дерек Хан, Метју Барли, Пјерлуиџи Камичиа, Франческо де Жан, Бертран Гиро итн. Има активна професионална соработка со пијанистите: Лејла Пула, Теута Плана, Мери Стоилкова, Зана Бадивуку, Јоуни Сомеро, Маја Кастратовиќ и Дерек Хан. Во 2011 година, Сихана Бадивуку го објавува цеде-то „Брамс сонати“ со пијанистот Јоуни Сомеро во Финска. Дел е од дуото со Маја Кастратовиќ со која имаат активна професионална соработка од 1994 па се до денес.

Својот уметнички израз, Паскал Краповски активно го презентира на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач-виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на “Music Progressive Quartet”. Покрај изведувачката дејност, активно се занимава со педагошка и со истражувачка дејност. Роден е во семејство со долга музичка традиција. Своето образование го започнува со Ристо Краповски и со Диме Стојанов во Скопје, по што продолжува со додипломски и постдипломски студии во класата на Анатоли Крстев на Државната академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Во периодот 2018/2019 година, имал академски престој на Универзитетот на Северно Колорадо во САД, како асистент во класата на Гал Фаганел.

Со истата програма, на 18 и 19 април Македонската филхармонија ќе гостува во Германија, Бон – родното место на Бетовен и во Оберхаузаен, со што ја потврдува улогата на Македонија како земја со богата музичка традиција. Концертите на Македонската филхармонија во Германија се составен дел од свечениот настан по повод 5-годишнината од партнерството меѓу Северна Рајна-Вестфалија и Северна Македонија.

фото:НУ Филхармонија на РСМ

To top