Таа е гордост, прво на мама и тато, потоа на роднините, пријателите, сограѓаните, а потоа и на сите оние кои барем еднаш ја запознале и го слушнале биењето од нејзиниот тапан, а прилики да се случи тоа имало доста, особено изминатиов период.
Тијана Илова е 20 годишна кавадарчанка која со своите аспирации од љубовта кон удирачките инструменти ја прави да биде оригинална, своја, препознатлива…
На само пет години кај неа гените толку силно работат што малата Тијанче не сака да гледа цртани, туку интересот и е насочен на нешто сосема поинакво од нејзините врсници, а тоа биле настапи на „Танец“ и слушањето македонска народна музика. Дедо и по мајка бил тапанџија, па кога дедо свирел на тапанот, желбата на внуката била само една, и таа да го прави истото.
А кога желбата кај едно детенце е присутна, тоа ќе направи се’ само за да ја оствари или барем делумно да ја реализира низ својата игра и фантазија која потоа преминува и во реалност како во случајот на Тијана.
-Кога бев кај дедо на гости го крадев тапанот и свирев без да видат/слушнат другите, а знаев да импровизирам сопствен инструмент, најчесто од дрво и тоа беше така се додека мојата баба не го порача мојот прв тапан, па така почна и приказната.
Дотогаш криела за она што го сака се додека на 14 години на една веселба дедо и го дал тапанот да се покаже што знае… По она што го слушнал и видел, било јасно дека малата Тијанче е негова наследничка.
Ден по ден, песна по песна од многу вежбање и тоа сама по советите на дедо, Тијана на една свадбена веселба иако со малку трема, за првпат почнува да свири на тапанот пред повеќе луѓе. Родителите кои биле гости на свадбата, изненадени и горди на ќерката која буквално била атракција, а тоа е така и денес.
Тијана Илова особено во изминатата 2024 година беше присутна пред камери како дел од инструменталистите на емисијата „Мерак меана“, па оттука добива и една сјајна прилика од понудата на Ристо Самарџиев да свири на јубилејниот концерт на групата „Меморија“.
Големата сцена за неа била воодушевување, ама и неверување дека допрела до истата.
Силниот тропот на тапанот од почетокот на концертот со песната „Параходот“ за кој заслугите од силното биење ги има таа, предизвикаа силна емоција, гордот македонска, а веројатно и по некоја солза…
Тијана Илова од Кавадарци е светол пример за тоа како младите треба да ја почитуваат македонската традиција и култура. Иако студира економски факултет во Битола, Тијана јасно знае дека љубовта и тапаните се нејзината најголема љубов која веќе ја негува и прку настапите со нејзиниот бенд „Ana & The Girls“ со кои редовно настапуваат низ земјава.
Ова е еден пример кога стереотипите дека тапанот е само машки инструмент „паѓаат во вода“, а Тијана и тоа како силно и гласно го покажува и докажува тоа на дело!
Само напред!
фото:Facebook / Tijance Ilova