Штипјанката Марија Данева која јавноста ја запозна по учеството во „Ѕвездите на Гранд“, а со својата музичка активност продолжи и потоа, на 15 односно трагичниот 16-ти март имаше настап со својот бенд „Стенд бај бенд“ во еден кочански клуб каде настапот завршил кусо по полноќ.
Како што неофицијално дознаваме, нешто подоцна, двајца од музичарите кои ја придружуваат Данева, се упатиле кон кобната дискотека „Пулс“ каде за жал се здобиле со повреди, а за истото потврди и самата.
Скршена од тага за сите кои ги изгубија животите, Данева се огласи на својот Фејсбук и додаде дека и нејзините колеги се меѓу настраданите.
-Не постојат зборови што можат да ја опишат болката и тагата што ја чувствувам. Трагедијата во Кочани беше вистински хорор – слики кои нема никогаш да се избришат од мојата свест. Господ ме сочува, но загубив драги луѓе – пријатели, колеги… Двајца мои колеги од бендот сè уште се борат со повредите во болница, и со сето срце се молам за нивното брзо закрепнување.
Оваа загуба е преголема. Нема зборови што можат да ја ублажат болката на семејствата што останаа без своите најблиски. Моето срце е со сите нив.
Нека почиваат во мир оние што нѐ напуштија. Ве молам, чувајте се и ценете го секој момент со оние што ги сакате.
Ве повикувам сите заедно да се помолиме за душите на загинатите, за утеха на нивните семејства, како и за сите што сега се борат за живот. Господ нека им даде сила и оздравување – напиша Марија Данева.
фото:Facebook/ Instagram/ Marija Daneva