Уште непочната кампањата за претседателските избори, СДС уште еднаш ја покажаа својата дволичност и лицемерие! Тие го сменија името на државата против волјата на народот, тие го потппишаа Преспанскиот договор, тие беа оне кои ја прекрстија Македонија во Северна, а до вчера од уста не го вадеа новото „неприродно име“ на земјата во сите прилики. Северна демек морало да биде и за внатрешна и за надворешна употреба, дури и тогаш кога на тоа никој не те обврзува, во неформалните разговори, говори, изјави, обраќања, интервјуа, излагања…
До душа и покрај се’, народот остана „глувонем“ на наметнатото име, па ниту секојдневното медиумско бомбардирање со името на „прекрстената“ татковина, луѓето не ги натера, а уште помалку поколеба Македонија да си викаат онака како што вековно ја знаат! Барем огромното мнозинство, освен оние кои додворувајќи и се или имајќи интерес од власта јавно се перчеа со додавката, а насамо не ја споменуваа. Како и оние на кои им беше незгодно пречесто да го споменуваат „прексрстеното име“ на државата, па Република Македонија ја ословуваа со „нашата земја“.
Арно ама, сега кога дојде време за ново пребројување, за нови избори, „кумовите на новото име“ од СДС(М) со полна уста го потенцираат и она М на крајот од нивната партиска кратенка, додека она што го додадоа на вековното име, никаде го нема во нивната реторика?
СДС на митинзите преку ноќ „ја заборави“ додавката која до вчера од уста не ја вадеа, а сега кога Пендаровски и партијата треба „да се лижат“ кај народот, нема ни „С“ од Северна?! Има само Македонија!?
И во Фејсбук пораките на „нашиот претседател“…
И во најавите на официјалниот спикер на митинзите…
И во реториката на говорот на „нашиот претседател“ и во се’ живо, во сите нивни обраќања кон народот, наеднаш види чудо… Северна ја снема, исчезна… има само Македонија!
Евидентно е дека сега кога треба да се жнеат гласови, а секој глас – е како житен клас, добредојден и злато вреден, особено кога фотелјата ти се лула, е тогаш се заборава на карактерот и доследноста, а дволичноста и лицемерието се пуштаат на најсилно, зашто така додворувањето кај народот е најсигурно. Тогаш ја нема додавката, придавката, географската одредница… што ли веќе е, па она „Северна“ се брише, заборава и премолчува, а „нашата земја“ со полна уста во предизборната реторика се ословува со вистинското име, само како – МАКЕДОНИЈА! Да можеа и знамето од Кутлеш ќе го развееја!
Но, во сиот тој обид „измамата да ја доведат до непрепознавање“, СДС превиделе дека народот нема кратко памтење! Дека Македонците и сите останати чесни граѓани кои си ја сакаат родната грутка и својата татковина, дебело „ќе ги казнат“, па овие од „нашата земја“ по 8-ми мај ќе бидат опозиција. Од нивното владеење ионака остана само „прашина“, а „нашиот претседател“ ќе биде – бившиот! Зашто меѓу сето останато, понижувањето нема цена, а гласачкото ливче е најсилното оружје на народот… на Република МАКЕДОНИЈА!
Фото и видео: Facebook/Stevo Pendarovski