Култната рок група „Рибља чорба“, чиј легендарен пејач, лидер и автор Бора Ѓорѓевиќ неодамна почина, сега има нов вокалист со кого настапи на манифестацијата „Денот на Бора Чорба“ во Чачак пред неколку дена.
Настанот се одржа во Културниот центар Чачак, а организатор беше Општина Чачак. Пред публиката беше претставен новиот пејач, и со тоа се стави крај на шпекулациите дали бендот ќе продолжи да функционира по смртта на фронтменот Бора Ѓорѓевиќ, кој почина во септември годинава.
На неговото место дојде Јован Јефтиќ (32), познат како Јова Змај. Тој е член на „Рибља чорба“ од 2017 година, во улога на придружен вокал.
По настанот во Чачак, за српските медиуми се огласи Вицко Милатовиќ од бендот, кој кажа дека концертот им бил доказ дека можат да продолжат по смртта на Бора.
„Преку неговата сопруга Дубравка, Бора ни порачал дека сака да продолжиме со музика и дека сака нов пејач на бендот да биде Јоцо. Тој со нас е околу десет години како придружен вокал и „Рибља чорба“ продолжува напред, истакна Милатовиќ.
Јован Јефтиќ пак, за тамошните медиуми изјави дека за првпат влегол во комбето на Чорба кога имал 18 години, за да по долга соработка во 2017 година и официјално стане нивни член.
Кажа дека Бора бил негов ментор и брат, и се што знае научил благодарение на луѓето од бендот.
– Концертот беше тежок, но должни сме Бора да продолжи да живее, порача новиот вокалист.