„Повеќе од три децении силно и цврсто чекориме по улица „Охридска“ и стигнавме до број 33“. Остануваме мало парче слободна територија каде едни медиумски Спартанци не даваат да изгасне кандилцето на Охридизмот.
Со ваква порака од охридското Супер радио денеска ја заокружуваат 33 година од постоењето и започнуваат ново поглавје.
– Конечно е тука денот кога дуваме неверојатни 33 свеќи на роденденската торта. Токму денеска започнува ново заедничко патување со слушателите со кои се дружиме повеќе од три децении. Какво само патување беше ова, толку многу луѓе продефилираа низ радиото, на градот и државата им дадовме пред се’ луѓе со крената глава, чиста мисла, со став без страв, со искрени предлози за подобро утре на сите. Дадовме и пратеници, директори, водители, новинари, портпароли… Дадовме се’ што имавме, а побаравме само шанса да работиме и да живееме и уживаме во овој еден на светот град. Денеска славиме заедно и наздравуваме за новите почетоци, новото време, новите медиуми и се’ она ново и возбудливо кое е пред нас. Нека е за многу години и да се слушаме и гледаме во убаво и за убаво… Улицата е „Охридска“, бројот 33, потенцираат од водечкиот медиум во регионот.
Додаваат дека денеска е ден за заеднички да наздравиме за следните години да поминат во ист ритам.

– Денеска, кога стигнавме до Исусовите 33, заедно со сите колеги чекориме по медиумската Виа Долороса. Сепак, повеќе од 30 години останавме ненаметлив, но гласен и моќен дел од животот во градот. Виновни сме за одличната музика која ја учевме од најдобрите, за брзите и проверени информации – исто така, но и за сета позитивна енергија што ја споделувавме со вас – најдобрите слушатели на целиот свет. Вие сте повеќе од тоа, вие сте нашиот верен пријател и гласот на народот и градот. Секој ден снимаме, фотографираме, промовираме, помагаме, не се жалиме, не бараме ништо од никого… Продолжуваме со истата љубов и страст кон радиото и со прошетката по улица „Охридска“. Стигнавме до број 33 и остануваме слободна територија од која не даваме кандилцето на Охридизмот да изгасне. Одиме понатаму, заедно и силно, велат од Супер радио.
Роденденот ќе го одбележат со посебно прилагодена програма.
Според сите анкети на АВМУ, Супер радио е убедливо најдобрата, најслушана и највлијателната локална радио станица во овој регион на Република Македонија. Потврда за успешната работа на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба во 2017 година за досегашната успешна работа и придонес за градот.







