Мегафон Скопје ја враќа лулката на културата

По еднодецениски застој почнува да се гради Универзална сала

По еднодецениски застој почнува да се гради Универзална сала

Министерството за култура и туризам информира дека е завршена постапката за избор на изведувач за реализација на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје. Донесена е одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип на изградба Клуч на рака“.

По завршување на законските рокови за доделување на договорот, ќе биде потпишан договорот за изведба, а по исполнување на сите потребни предуслови за почеток на градба и воведување на изведувачот во работа, ќе следи официјалното започнување на градежните активности.

По преземањето на објектот на Универзална сала од Градот Скопје, а особено по настанатиот пожар, Министерството за култура и туризам спроведе низа активности со цел успешна реализација на проектот за нејзина реконструкција.


Како дел од овие активности, Министерството преку измени и дополнувања на проектната документација преземена од Градот Скопје, обезбеди целосно нова проектна документација на ниво на основен проект за реконструкција на Универзална сала.

Овој проект беше претставен пред македонската јавност, а со неговата реализација ќе се зачува споменот и колективната меморија за објектот, а воедно  ќе му се даде и нов, современ и повеќенаменски  карактер.

„По повеќе од една деценија застој, Скопје конечно ќе ја добие Универзалната сала во сјајот што го заслужува, ќе стане симбол на културата на нашиот град.<
Вчера беше завршена постапката за избор на изведувач, донесена е Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за реконструкција на објектот по принцип „Клуч на рака“. По завршување на законските рокови и потпишување на договорот, ќе започнат градежните активности.

Особено сум горд што за само една година успеавме да откочиме процес долг една деценија. Преземени се сите потребни мерки: нова проектна документација, измени на постојниот проект и обезбедување на предуслови за успешна реализација.

Универзалната сала е симбол на Скопје, со над 5.000 настани и над 5.800.000 посетители досега. Сега повторно ќе стане центар за културни настани и собирање на граѓаните, а ќе биде и дел од „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

Рокот за реализација е предвиден до декември 2027 година. Благодарност до сите кои беа дел од процесот.

Универзална сала повторно подготвена да го одбележи културниот ритам на Скопје“ – сподели министерот за култура и туризам Зоран Љутков на својот Фејсбук профил.

To top