Многумина имаат (погрешно) мислење за секоја онаа пејачка која се соблекува во медиумите (пишаните и електронските) а, и на сцената под рефлекторите, дека таа некоја не знае да пее, па со голотијата сака по секоја цена да го привлече вниманието на публиката и новинарите. Можеби да, можеби не, но постои и отстапување од ова непишано правило. Познатата пејачка Лиле (вистинското име и е Лидија) не само што изгледа многу секси и што сака своето згодно тело да им го покажува и на обожавателите и на фоторепортерите, таа несомнено важи и за пејачка која има моќен квалитетен глас на кој колешките и завидуваат.
Дека знае да пее, да интерпретира, што се вели, „тешки“ песни и притоа соодветно да се однесува на сцената е тоа што Лиле одлично според сите критики ги пее песните од репертоарот на легендарната Тереза Кесовија.
-Вистинска храброст и пејачко знаење е да ги пеете песните од големата пејачка дива Тереза, вели Лиле. Јас од секогаш сум ги сакала нејзините песни, а ги има навистина многу. Не ми е лесно да издвојам некоја песна од Тереза за која би кажала дека најмногу сакам да ја пеам. Сите ми лежат на срце и сите ги пеам со подеднакво задоволство. Уште го памтам мојот емотивен настап од минатогодишниот „Сплитски фестивал“ кога на фестивалската сцена ја испеав познатата далматинска песна од Тереза – “Далматинко, лијепа си ти“!
Признавам, дека имав малку трема. Тереза седеше во првиот ред и без да трепне ме слушаше како ѝ ја пеам песната која ни најмалку не е лесна за пеење, а сепак е мелодична, хитовска, летна, морска, пријатна за секој кој се разбира во квалитетна музика. Реакцијата на музичката легенда беше феноменална. Воодушевена, со тоа како ја испеав песната која стана една од поголемите хитови на овој, за нас пејачите, значаен фестивал, вели (скромната) Лиле.
И ако соблекувањето и еротиката не се вклопуваат со таквиот начин на пеење како што го прави Тереза, на Лиле не ѝ пречи да биде и разголена и воедно вешто да го спои едното со другото. И за очите и за ушите, за гледање и за слушање. Тамам, како што бараат овие некои нови модерни естрадни времиња, кога пред сè голотијата царува на естрадата.
Д.М.