Родени во Штудгард – Германија, заедно со брат му близнак уште од малечки ќе покажат интерес за музиката, а таа ќе ги одведе дури до студии на музичка академија. Во родниот Прибој на семејството, се враќаат, па по војната во Југославија, повторно заминуваат за Германија, но браќата – близнаци музиката ги мами да дојдат во српската престолнина за да снимат песна и да се обидат да направат музичка кариера.
Белград толку ќе им се допадне и ги омами, што во него ќе останат засекогаш или барем до ден денес. Настапите на белградските сплавови и по останатите локали ќе им донесат репутација, но и бројни познанства со некои од најголемите музички ѕвезди и најпознати автори на српската естрада, како Марина Туцаковиќ на пример.
Потенцијалот на близнаците бргу ќе биде препознаен, па за кус период од тотални анонимуси ќе снимат дури три албуми, од кои ќе излезат бројни хитови. Но, братското дуо близнаци потоа ќе се растури и секој ќе замине на своја страна. Едниот ќе се посвети повеќе на создавањето песни и продукцијата, додека другиот ќе ја прифати улогата на клавијатурист во растечката популарност на „Лексингтон бенд“. Токму нивниот пејач ќе го натера од зад клавирските типки и придружните вокали, тој да стане главен вокал, соло пејач кој суверено ќе ја завладее сцената.
Корона пандемијата за естрадата ќе биде погубна, но, за него добитна, зашто снимајќи клавирско-вокални преработки на туѓи познати песни кои ги споделува на социјалните мрежи станува одново ултра популарен, што ќе му ја врати во естраден живот кариерата.
Тоа ќе придонесе во 2022 година да ја наполни дури осум пати МТС салата во Белград, издигнувајќи се како име за кое нашироко се зборува во регионот.
Првиот соло албум „24/7“ доаѓа следната 2023 година, а веднаш по него лани и вториот, „Книга на животот“ и распродадени три концерти во Сава центар во Белград.
Но, успехот во кариерата е проследен со мноштво „стапици“, меѓу кои и тешката борба со откажување од алкохолот, кој како резултат на боемскиот живот што ги следи естрадните уметници, се заканува да му ги уништи и кариерата и приватниот живот.
За среќа од оваа животна битка излегува како голем победник, приватно уште посилен, професионално уште попопуларен, кој заедно со неговиот Big Concert Orchestra доаѓа на 15 мај во Скопје, на голем солистички концерт во Арената „Јане Сандански“.
Претходно, ексклузивно во интер ток шоуто „Ништо лично“ лице в лице со Антонио Димитриевски, тој ја раскажa својата животна приказна… За детството и музичките почетоци, за белград и кафеанско клубските свирки, за годините заедничка кариера со брат му близнак Ненад со кого физички се идентични, но карактерно сосема различни, за тоа дали се менувале на училиште пред професорите и приватно кај девојките, за Аца Лукас, Џеј и останатите пејачи кои им помогнале на почетокот во кариерата, за тоа како Короната за многумина ќе биде погубна, а нему ќе му заврши голема работа, за тоа како никој не верувал дека може да има прв соло концерт во Белград без да има снимено албум, а тој наместо една, ќе продаде пет полни сали…
За пороците, влезот во канџите на алкохолот кој за малку ќе го уништи и приватно и професионално и како успеал да се ослободи и излезе од неговите прегратки, за трите деца кои тргнале или не по естраднитѕе патеки, за најновите дуети со атрактивни, згодни, секси пејачки како што се Бресквица и Милена Вучиќ… И за многу други нешта, како и тоа што се’ публиката може да очекува од него и неговата музика на скопскиот концертен спектакл, кој Пеѓа Јовановиќ го подготвува за своите обожаватели на 15 мај во Скопје.
Премиерaта оди секоја среда во 20.00 часот директно на YouTube каналот на КурирМК (на кој и потоа во секое време можете да го погледнете сето она што сте го пропуштиле или сакате одново да го видите и слушнете во интер ток шоу серијалот „Ништо лично“ со Антонио Димитриевски.