Не е чудо кога некој ќе налета случајно на вас или вие на некого, па ќе го поздравите онака со полна душа, за веднаш после првиот момент да сфатите дека тој не е тој или таа не е таа… Зашто едноставно сте се препознале!
А тоа е така, затоа што човекот или дамата неодоливо физички личи и ве потсетува на некој познат кој оддамна не сте го виделе, или барем често не го среќавате, па ќе се залетате онака како мало дете во излог на слаткарница… И ќе се зафркнете!
Зашто неретко постојат луѓе кои си личат, а не се во никаква роднинска врска, а најчесто не се ни познаваат, иако неодоливо потсетуваат еден на друг и физички и во движењата и гестовите и во манирите и карактерот… Едноставно, што би рекле денес, се “копи – пејст“ еден на друг!
Во целата оваа приказна меѓу „фотокопираните“ има и познати личности… Секаде по светот па и кај нас. Еве, колку за пример, на сите им е познато дека лидерот на „Нокаут“, пејачот Никола Перевски – Пере е „плукнат“ Џони Деп! Физичката сличност е толу неодолива, што личи како актерот да му е постар брат, само од друга мајка!
Но, истата таа сличност воопшто не мора да е меѓу две познати личности што е и најчест случај. Дека е тоа така последен пример е Владимир Блажев, алиас Панчо од ар ен би дуото „ДНК“.
Имено, тој на својот Фејсбук профил објави заедничка фотографија на која неговиот компањон Андреј е сликан со „двајца Панчовци“?! Така изгледа, зашто покрај него е Панчо и неговата „копија верна на оригиналот“, извесен Јоцо Танаскоски од Струга. И кога ќе го погледнете, момчето е навистина „оригинал фалсификат“… Како пресликан Панчо, како да е негов дупликат!
Така што отсега Панчо слободно ќе може на концертите и да не појавува, а наместо него на бината да истрча неговиот двојник. За на ТВ или во спот и да не зборуваме! Можеше дури и за лична карта и пасош место Панчо да се слика!
„Дами и господа,
Запознајте го Јоцо Танскоски од Струга, двојникот на Панчо кој секако е многу поубав и поубаво пее, што и не е така тешко“ – споделиле ДНК во шега на социјалните мрежи, покажувајќи колку стружанецот личи на скопскиот ДЈ Шорти.
Познавајќи ги, кој да знае… „ДНК“ можеби и ќе пробаат на некој концертен настап „да го подметнат“ двојникот на Панчо наместо него тој на кратко да истрча на сцената, чисто онака, заради забава, за да видат дали тоа ќе го забележи публиката?
Фото: Инстаграм/djshortypofficial и Фејсбук/Vladimir Blazev