Македонија нема да се врати на Евровизија следната 2026-та година. Македонската радио телевизија (МРТ), како носител на лиценцата за учество на најголемиот европски музички натпревар, го објави записникот од последната седница на Програмскиот совет, на која се дискутирало за евентуалното враќање на земјата на сцената на „Евросонг“.
Според објавениот документ, директорот на МТВ, Захарија Вулгаракис, констатирал дека учеството на Македонија во минатото претставувало сериозен организациски и финансиски предизвик за јавниот сервис. Токму поради тоа, донесена е одлука земјата да не аплицира за натпреварот во 2026 година, туку да се фокусира на развој на долгорочна стратегија и подготовка за враќање во 2027 година со „квалитетен производ и јасна концепција“.
„Доколку повторно се аплицира за учество на Евровизија, неопходно е да се направи добра стратегија за учество во 2027 година со квалитетен производ. Засега би било подобро да се вложува во домашните фестивали како „Цветници“ и „Скопски фестивал“, со цел развивање на домашните пејачи, автори и публиката, па потоа да се оди “нагоре“, стои во записникот на Програмскиот совет.

Оваа одлука значи дека Македонија втора година по ред ќе ја пропушти можноста за настап на Евровизија, откако во 2023-та и 2024-та година не беше дел од натпреварот поради финансиски ограничувања.
МРТ најавува дека во текот на 2026-та година ќе се инвестира во домашните музички фестивали, поддршка на локални изведувачи и автори, како и создавање стабилна продукциска инфраструктура која би можела да обезбеди квалитетен настап во иднина. Фокусот, според раководството на МРТ, ќе биде ставен на зголемување на продукциските капацитети, промоција на нови таленти и создавање континуитет во националната музичка сцена. Во своето образложение, директорот Вулгаракис потсети дека секое претходно учество на Македонија барало значителен буџет, логистика и меѓународна координација, што често ги надминувало расположливите ресурси на јавниот сервис.
И покрај тоа, тој не ја исклучи можноста за силно враќање на Евровизија веќе во 2027 година, доколку се воспостави јасна стратегија и партнерства со домашни и меѓународни музички продукции.
„Нашата цел не е само да учествуваме, туку да направиме настап што ќе ја претстави Македонија со достоинство и современ звук кој може да се мери со европските стандарди“, се наведува во заклучокот на МРТ.
Македонија последен пат настапи на „Евровизија“ во 2022-та година со пејачката Андреа Коевска и песната „Circles“, која беше избрана преку националниот избор за „Евросонг“. Песната, современа поп-балада со меѓународен звук и модерна продукција, ја претстави Македонија во втората полуфинална вечер на фестивалот во Торино, Италија.
Иако Андреа настапи со впечатлива вокална изведба и сценска енергија, земјата не успеа да обезбеди пласман во големото финале.







