Мегафон

МНТ ја објави новата театарска сезона

МНТ ја објави новата театарска сезона

Македонскиот народен театар по назначувањето на новиот в. д. директор Никола Кимовски ја објави новата сезона 2024/2025 г. и реализирање на плановите до крајот на годината.

Редовната репертоарска програма ќе започне во септември, а во рамките на истата, како новитет и по барање на публиката, свечено ќе биде отворена и летната сцена „Славиша Кајевски“.

Кон средината на октомври, на малата сцена премиерно ќе се одигра претставата „Бели ноќи“ во режија на Звездана Ангеловска (копродукциски проект), а на 17 октомври е договорено гостување со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“, БиХ.

-На големата сцена следи премиерната изведба на претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, кој мајсторски го направи изборот од моќна актерска екипа. Претставата „12“ ќе биде работена по мотивите на (12 Angry man) од Реџиналд Роуз. По премиерата, во ноември ќе гостува Српското народно позориште од Нови Сад со „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски – претстава која го освои првото место на реномираниот српски фестивал „Театар во тврдината“- Смедерево, 2024 година, информираат под МНТ.

Во ноември, исто така, премиерно ќе биде одиграна и претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) – по текст на Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска. Српскиот режисер Егон Савин ќе ја постави „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ. По претставите „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996), ова за Савин е трета режија во Македонскиот народен театар. Претставата „Народен пратеник“ на сцената на МНТ, за првпат е поставена во 1945 година, потоа во 1993 година, а ова е трета постановка.

Во декември е предвидена и премиерната изведба на копродукцискиот проект „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ.

Со почетокот на училишната година, активно ќе продолжат организираните тури за посета на театарот, со посебен акцент за основните и за средните училишта. На овие тури младите генерации ќе имаат можност да се запознаат со театарот преку разгледување на објектот, музејската поставка со посета на проби и разговори.

Покрај онлајн продажбата на билетите на официјалната веб-страница www.mnt.mk, како новитет ќе се имплементира и мобилна апликација каде што публиката ќе биде во можност на побрз и на поедноставен начин да дојде до билет.

В. д. директорот Кимовски со овластени лица како и со дел од вработените од техничките служби, направи целосна обиколка на објектот – во ентериерот и екстериерот, за утврдување на штетите создадени од природните непогоди/внатрешното прокапување, ронење на фасадата и сл., и нивна понатамошна санација.

фото:Freepik

To top