Отсекогаш сме тврделе дека животот на естрадните уметници нималку не е лесен. Особено не на пејачките по локалите. Можеби розово изгледа, ама жестоко удира. По здравјето, живците, трпението, воспитанието… Заработката понекогаш добра понекогаш и не баш, ама затоа проблемите и маките исти, па и полоши отсекогаш!
Покрај постојните и оние веќе познатите, со газдите, гостите, музичарите, менаџерите, додворувачите, конкуренцијта… Марија Луиса Тодоровска откри дека има и дополнителни секирации. Што приватни, што поврзани со работата, ама тоа е тоа – таква е професијата. Турболентна и возбудлива. А како последица на истата не може да и биде поинаква и приватноста. Па и да сака и да не сака, Марија Луиса Тодоровска е на повеќекратна мака.
Така на пример бившите не седат мирни. Колку повеќе и расте популарноста, а заработката и напредува паралелно со кариерата, толку повеќе им е криво на нејзините поранешни љубовници, па бараат начини како да и ја урнисаат реалноста. Така барем тврди самата пејачка, која само што седнала на по една пијачка, кога ете ти го емисарот во вид на гулаб. Бившиот го пратил со „фекална порака“ да и го за*ере, ако не животот, барем кафе раатот! Марија онака избербатена и урнисана, го овековечила моментот, незнајќи дали да „збудали“ или да се радува на „комплиментот“? Зашто некои тврдат дека кога гулаб ќе те „по*ака“, небото ти праќа порака… Дека ќе те следи голема среќа!
И да е и да не е така, Марија е позната по тоа што има добра душа… Па, кога ќе го преболи, на бившиот може и на свадба да му пее!
Затоа пак пејачката „комплименти“ неретко знае да добие и од следбениците на социјалните мрежи. И тоа од оние љубоморните, кои ја решетаат со отровни коментари. Причините разни, од жени и девојки на нејзини обожаватели, преку конкурентските естрадни табори, до обични „мрчатор(к)и“ кои од здодевност киснат на социјалните мрежи и што стигнат – хејтаат. Затоа пак Марија Луиса има доблест да ги објави нивните „отровни комплименти“, особено на оние, како што сама ги нарекува – „животно остварените и реализирани“ љубители на туѓите кариери и животи!
Арно ама, маките на пејачката не завршуваат на Фејсбук, Твитер, Инстаграм… Штом тргне на тезга (читај – на работа), веднаш се отвора ново поглавје погубно по нејзиното здравје… Или барем по заработката!
Зашто желбите и меракот се ептен големи, а пустата желба, макар била и музичка – нема цена! Или поточно, нема вредност! Гостите или “стипси“ или „жива сиромаштија“, па иако „неписмени“ написмено од пејачката бараат желба за ситни пари. Бакшиш од кој не ќе може ни 100 грама кафе за по дома да купи, да си свари!
Арно ама, Марија Луиса Тодоровска и тоа како знае како да им одолее на сите овие предизвици и стапици, зашто изградила сопствена заштита од потенцијалните штетници… Еден вид свој „Кинески ѕид“, свој свет во кој совршено функционира и „мува не ја лази“ за тоа кој се обидува да ја „понижи и згази“. Дали рецептот за долговечен успех лежи во она што подолу го кажала во думата, ќе покаже времето, колку долго ќе ја носи круната!?
Фото: Инстаграм/luisa.todorovska