Поп-пејачката Марија Данева и бендот „Стенд бај“ објавија дует песна со Ѓоко Танески, насловена „Во твои раце“, која уште со првото слушање привлече внимание кај публиката и радиостаниците.

Автор на музиката е Сашо Стојановски, додека текстот го потпишува Весна Малинова. Аранжманот и мастерингот се дело на Иван Петровски, создавајќи звук што балансира меѓу модерна поп естетика и емоционална баладичност.

„Песната како да е создадена за мене. Сè се случи многу спонтано и природно. Марија и бендот ме поканија и уште на првата проба знаевме дека имаме вистинска песна“, открива Ѓоко Танески, задоволен од заедничката соработка.

Во бендот „Стенд бај“ Данева е главен вокал, Александар Авукатов е на бас гитара, Сашо Стојановски на тапани, а Дарко Спировски свири гитара.

За новиот проект е снимен и видеоспот во продукција на „Фокус филм“, режиран од Владимир Митревски – Ѓуле. Визуелизацијата, велат од тимот, го следи чувството на песната – искреност, динамика и љубов. Ова не е прв чекор на Данева во оригинално авторско музичко изразување. Во октомври 2024 година таа и „Стенд бај“ ја објавија својата дебитантска песна „Љубов“, која е одлично прифатена од публиката.

„Ништо не е случајно. Енергијата додека работевме беше неверојатна. Уште од снимањето на песната до последниот кадар од спотот – сè беше чиста позитивна вибрација“, вели Данева.

Со „Во твои раце“, музичарите испорачуваат емоционална приказна за љубов, доверба и сила, а новиот проект носи свежина, професионален пристап и идеја дека уште многу интересни изненадувања допрва претстојат.

Како звучи и изгледа кога Марија и Ѓоко, заедно со „Стенд бај“ ќе остават во „Твои раце“ ти да процениш колку нивната соработка ти се допаѓа, проследи од видеото во продолжение…







